Охрид, 25. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Гостите од Турција, Полска и Холандија биле најбројни ова лето во Охрид, градов бележи пораст во бројот на туристи и остварени ноќевања.
– Бројот на посетители за месеците jуни и јули годинава изнесува 96.190, што е за 9.2 % повеќе во однос на истиот период лани. Во анализираниот период остварени се 407.991 ноќевања или раст од 5.2 % во споредба со минатата година, информираат од општина Охрид.
Во однос на државите од каде доаѓаат туристите, најмногу, 15.646 биле од Турција, 7.031 биле од Полска и 6.222 од Холандија.
– Во тек е изработката на новата Стратегија за развој на туризмот која ќе даде нови насоки за напредок во оваа сфера, а планирана е изработка на Анализа на економскиот импакт на туризмот. Со цел подигнување на квалитетот на туристичката инфраструктура, Општина Охрид пристапи кон обезбедување бесплатен интернет пристап на шест најпосетувани локации во Општина Охрид. Исто така се пристапи кон подигнување на квалитетот на сигнализација на туристичките места преку поставување информативни табли на 82 туристички локалитети (културно – историски споменици) во градот. Постапката за поставување на таблите е започната и истата се одвива со одобрение од Министерството за култура. Исто така, во делот на подобрување на туристичката инфраструктура, општината ќе пристапи и кон подготвување на концепт проекти, со кои ќе се аплицира на сите достапни меѓународни програми и фондови за поддршка во оваа сфера. Во делот на организација на туристички настани, оваа година беа реализирани манифестациите Гастро тура „Taste Ohrid“, „Охридска Софра“, „Денови на мед“, „Вино и сирење“ и „Охрид крафт експо“ и неколку важни спортски настани, велат од локалната самоуправа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива