Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Состанок на Работната група СЕЛЕК за борба против трговија со луѓе „Мираж“ во Охрид

Охрид, 26. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Охрид се одржа 26-от состанок на Работната група на Центарот за спроведување на законот на Југоисточна Европа (СЕЛЕК) за борба против трговија со луѓе „Мираж“.

Државниот секретар на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија м-р Магдалена Несторовска во своето обраќање пред присутните, во име на Министерството за внатрешни работи и Националната комисија за борба против трговија со луѓе и нелегална миграција на Република Македонија, нагласи дека трговијата со луѓе и нелегалната миграција, покрај што се меѓу најгорливите прашања поврзани со човековата судбина, го поткопуваат владеењето на правото и поттикнуваат други транснационални криминални активности, загрозувајќи ја јавната и државната безбедност.

– Република Македонија прави постојани заложби за организирано справување со трговијата со луѓе и илегалната миграција, со цел активно да се вклучи во напорите на меѓународната заедница за превенција и борба против трговијата со луѓе, како еден од најтешките облици на организиран криминал, рече м-р Несторовска, додавајќи дека со донесувањето Националната стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2017-2020, како и со успешна имплементација на утврдените стратешки цели, државата ги доближи домашните, со меѓународните стандарди.

Во таа насока, според м-р Несторовска, националните стратешки цели се базираат врз препораките од Советот на Европа во Извештајот на ГРЕТА, препораките од специјалниот претставник и координатор за трговија со луѓе на ОБСЕ, како и извештаите на другите релевантни меѓународни документи, со што активностите се во корелација и со позициите на ЕУ за новата агенда за миграција на Унијата, која се темели на намалување на илегалната миграција, преку истражување, спречување и гонење на кривичните дела на криумчарење на мигранти и на зајакнување на граничната контрола заради идентификација на ранливите категории мигранти, потенцијални жртви на трговија со луѓе и непридружувани деца-странци.

– Под раководство на јавните обвинители и со активно партиципирање на околу 50-тина полициски службеници, минатата година ја воспоставиме Национална единица за борба криумчарење мигранти и трговија со луѓе, т.н. Таск Форс. Воспоставувањето на оваа структура беше стратешки приоритет кој успеавме да го реализираме. Од оваа перспектива можам да изразам задоволство што приоритетите се реализираат и во пракса даваат конкретни и видливи резултати: од своето формирање во март 2018 година до сега откриени се и идентификувани 11 жртви на трговија со луѓе, а во еден случај е донесена правосилна пресуда со која сторителот е осуден на 17 години затвор, истакна м-р Несторовска.

Во контекст на реализација на уште една мерка предвидена во акцискиот план, воедно и препорака од Групата на експерти на Советот на Европа – ГРЕТА, м-р Несторовска го спомена веќе инкорпорираното Начело на неказнување на жртви на трговија со луѓе во Кривичниот законик, укажувајќи дека во соработка со меѓународните организации, Националната комисија работи на превенција од појавата на жртви на трговија со луѓе, но и нудење правна и медицинска помош на потенцијалните жртви и жртвите на трговија со луѓе преку четирите формирани Мобилни тимови за рана идентификација на жртвите.

– Досегашните резултати, нашата посветеност и континуираните заложби за ефикасно справување со овој криминал, ја вбројуваат Република Македонија во оние земји кои без двоумење се спротивставуваат на проблемот поврзан со трговијата со луѓе, рече државниот секретар на МВР.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Клеменс Која се осврна на улогата на ОБСЕ и потребата од континуирана соработка за ефективно справување со трговијата со луѓе.

– Нашата организација е посветена на здружување на силите со партнерските организации, со цел зајакнување на соработката и координацијата, обезбедување помош за земјите учеснички и остварување придонес во развивањето инструменти за гонење и спречување на трговијата со луѓе и заштита на правата на луѓе кои се предмет на трговија. Сите земји во регионот се земји на потекло, транзит или дестинација на жртви на трговија со луѓе, па затоа зајакнатата соработка помеѓу службите за спроведување на законот и со меѓународните организации и другите партнери е многу важна, истакна Амбасадорот Која.

Во оваа прилика, Генералниот директор на Центарот за спроведување на законот на Југоисточна Европа, Снежана Малеева подвелече дека овој состанок е резултат на соработката меѓу Мисијата на ОБСЕ во Скопје и СЕЛЕК со поддршка на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

– Се надевам дека е ова само почеток на плодна соработка меѓу нашите организации. Регионалната соработка е важна во справувањето со безбедносните предизвици во регионот што може да се постгне единствено со заеднички пристап, зајакната соработка и интензивирано партнерство. Токму затоа постгнувањето синергија меѓу земјите и организациите е услов sine qua non за ефективна борба против организираниот и сериозниот криминал кој и натаму останува предмет на загриженост во овој регион, со оглед на значителните количини на имот стекнат со криминал, но и обемот на трговијата со луѓе и илегалната миграција во Југоисточна Европа, рече Малеева. (Крај)

извор: МВР фото: МВР

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука