Охрид, 27. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот хотел Unique Resort & Spa доби признание за најуспешен хотел во категорија СПА на денешната церемонија по повод Светскиот ден на туризмот, oрганизирана од страна на Министерството за економија.
Светскиот ден на туризмот се одржува секоја година на 27 септември, основан 1980 година од Генералното собрание при Обединетите Нации и Светската туристичка организација (UNWTO). Оваа година, во согласност со сеопфатниот фокус на UNWTO, на вештини, образование и работни места, Светскиот ден на туризмот ќе биде на тема „Туризам и работни места: подобра иднина за сите“. Генералното собрание при Обединетите Нации и Светската туристичка организација (UNWTO), одлучи оваа година официјалната прослава да се одржи во Њу Делхи, Индија.
Туризмот денес е третата најголема извозна индустрија во светот, факт кој секако треба да го добие потребното внимание и во нашата земја. Улогата на туризмот во креирањето работни места честопати е потценета и покрај фактот дека туризмот создава 10% од светските работни места. Согласно насоките на Светската туристичка организација потребни се нови политики за да се искористи потенцијалот на туризмот за да се создадат повеќе и подобри работни места, особено за жените и младите. Исто така, потребни се нови политики за да се рефлектираат и да се инкорпорираат тековните достигнувања во технологијата. Политиките и активностите треба да бидат насочени кон решавање на тековната неусогласеност помеѓу туристичките вештини што се изучуваат и оние на кои им се потребни на работодавачите. Се проценува дека едно работно место во основниот туристички сектор создава околу еднo и пол дополнителни или индиректни работни места во економијата поврзана со туризмот. Микро, малите и средни претпријатија сега се најголемите создавачи на работни места во туризмот.
Само минатата година, 1.4 милјарди патници ги преминале меѓународните граници во една година. Според предвидувањата на Светската туристичка организација до 2030 година, оваа 1,4 милијарди ќе стане 1,8 милијарди. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Unique Resort & Spa