Култура

Отворена етно изложба и промовиран каталог „Етнолошката ризница на Трпејца“

Охрид, 6. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во присуство на голем број жители на Трпејца Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ го реализира проектот „Етнолошка ризница на Трпејца“ финансиран од манифестацијата „Нов културен бран“ од Министерството за култура.

Авторот на проектот Милчо Јованоски отворајќи ја промоцијата рече:

– Трпејца има долга историја и ги чека вистинските луѓе и време да ја истражат и да ја споделат со јавноста. Некогаш сиромашното село кое живеело од риболов денеска е модерна населба која од ден во ден го менува својот лик на подобро. Во лето е посебно живо, но во зима бројот на жителите е далеку помал. Проектот „Од етнолошката ризница на Трпејца“ освен каталог содржи и изложба на етнолошки предмети собирани од селаните, најдени во подрумите и темните места. Конечно со повод старите етнолошки предмети , покуќнина и носии ја видоа светлината на денот. Им благодариме на сите за поддршката. Овој каталог, пишуван на македонски и преведен на англиски, освен културна има и туристичко-промотивна димензија. Неговата успешност ќе биде мотив плус ние од Здружението да продолжиме во таа насока. Трпејца заслужува и повеќе од ова, рече Јованоски.

Во Трпејца отворена етно изложба и промовиран каталог „Етнолошката ризница на Трпејца“

Промотор на каталогот и на изложбата беше етнологот Оливера Мишева која има корени од Трпејца и првите етнолошки истражувања ги имала уште за време на студирањето. Таа се задржа на обичаите и обредното наследство во Трпејца. На присутните им предочи да се грижат за селото, да ги зачуваат трагите од минатото за идните поколенија.

Во каталогот се користени фотографии од авторот Никола Павлески од Трпејца и од социјалните мрежи и во него може да се проследи континуитетот на селото уште од 18 век преку гравурата на Христофер Жефаровиќ, патеписните белешки на Бранислав Нушиќ па се’ до денес.

Преводот на англиски го направи: Габриела Неделкоска, соработник беше Нина Момировска, а издавач е НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави