Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

27 години Супер радио

Охрид, 7. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридското Супер радио, еден од најстарите приватни електронски медиуми во државата, денес, 7-ми ноември го прославува 27-миот роденден.

Приказната започна во ноември 1992 година, веднаш по осамостојувањето на Република Македонија. Со неа растеше и се развиваше, со неа ги помина сите детски болести, со неа стигна до 27-мата година од постоењето.

– Со секојдневата активна работа, годините бргу минуваат. Медиумот има активна програма, со комплетна информативна, забавна, спортска и културно-образовна програма. Горди сме што никогаш не дозволивме да бидеме само обични „пуштачи на музика“, туку секогаш стоиме цврсто на своите ставови, на браникот на професијата и на страната на оние на кои можеме да им помогнеме. Секогаш сме отворени за сите акции за помош, за поддршка на млади луѓе, организации, институции и сите оние кои имаат чиста мисла и кои го сакаат овој прекрасен град, колку што го сакаме ние. Ветуваме дека ќе продолжиме понатаму уште поорганизирано, постојано ќе внесуваме нови и интересни содржини, и дека како и до сега, потписот на Супер радио ќе го има на многу места. Ви благодариме за довербата што ни ја давате веќе полни 27 години, одиме понатаму, вели Јане Стефанов, главен и одговорен уредник на Супер радио.

Супер радио веќе подолг врeменски период е препознатливо во регионот и во маркетиншкиот и продукцискиот дел. Покрај сопствените авторски радио емисии, продукција на радио елементи, џинглови, авторски песни и продукција, започнавме и со креирање на сериозни видео материјали и видео проекти.

Според сите анкети на АВМУ, Супер радио веќе седма година е убедливо најдобрата, најслушаната и највлијателната локална радио станица во овој дел на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави