Избор

Со едукација за медиумска писменост до препознавање на лажните вести

Охрид, 13. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Преку едукација за медиумска писменост да се поттикне граѓанинот критички да размислува, да ги бара фактите, во мноштво информации да ги препознае лажните вести и да ја избере вистинската. Денес беше промовиран проектот „Гледај, читај, слушај и мисли со своја глава – Едукација за медиумска писменост“.

Проектот ќе го реализираат Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ и регионалната телевизија ТВМ Охрид.

Алармантни се податоците за тоа колку луѓето не ги проверуваат информациите и здраво за готово веруваат во она што ќе го прочитаат на интернет.

Токму преку промовирање на концептот на медиумска писменост целта е да го поттикнеме локалното население на еден поактивен однос во иницирање промени во заедницата преку користење на придобивките од медиумите, рече Вахид Мемед претседател на Здружението „Инклузија“ и координатор на проектот.

– Во однос на проектот во свет во кој медиумите се се поприсутни, во кој информациите и медиумските содржини не преплавуваат преку телевизија, печат, радио и особено интернет порталите и социјалните мрежи, граѓанинот е претворен во сунѓер за впивање на медиумските производи. Не само што не успева да се снајде во хаосот од информации, да препознае која е вистината, објективна, целосна, а која е манипулативна. Но не е свесен за сопствената моќ дека може, градејќи критички став за настаните и случувањата, да биде поактивен во општествените процеси. Граѓаните во голем број немаат вештини за пристап и активно и креативно користење на медиумите, посебно интернетот и другите дигитални комуникациски технологии, немаат изградено критичка перцепција и навика за анализа на содржините, па се јавува недоверба кон медиумите, истакна Мемед.

Целта на овој проект е да го поттикнеме граѓанинот критички да размислува во мноштво информации да ја избере вистинската, да се бараат фактите. Во рамки на проектот се предвидени повеќе активности меѓу кои обука на двајца средошколци, потенцира новинарката Соња Рилковска, ментор на проектот.

– Во рамки на проектот се предвидени повеќе активности меѓу кои обука на двајца средошколци избрани по претходно објавен конкурс, тоа се Ивана Петреска и Сезар Сади од охридската гимназија. Ќе имаат обука во ТВМ, ќе учат за медиумска писменост, а потоа и сами ќе бидат новинари, ќе прават интервјуа. Целта е да го поттикнеме граѓанинот критички да размислува во мноштво информации да ја избере вистинската, да се бараат фактите. Проектот ќе биде заокружен со тркаллезна маса со цел сите заедно да се обидеме да ги поттикнеме капацитетите на здруженијата на граѓани и медиумите за подигнување на нивото на медиумска писменост во целиот регион, рече Рилковска.

За состојбите во медиумите и за потребата од отворање на оваа тема говореше претседателот на регионалната канцеларија на ЗНМ, Горан Момироски. Медиумите се огледало на општеството, рефлексија на се што се случува во заедницата. Но, за жал, често, таа е благо кажано деформирана, искривена. Медиумската заедница, но и заедницата воопшто денес во Македонија се исправени пред сериозен предизвик. Да го заштитат својот интегритет и професија и за изнајдат начин како да се справат со лажните вести, истакна Момироски.

– Состојбите во медиумската сфера се како боите на есента. За жал се почесто доминира жолтата боја во медиумските натписи. Другата боја на есента е црвена. Таа е за големиот број на професионалци и професионални редакции, кои црвенеат од срам од тоа што се случува во медиумска сфера. Не може да зборуваме за професионални медиуми кога сопственици, а кои не се новинари или лица кои не излегле на терен не направиле вест се главни уредници, рецензираат, цензурираат , ако сакате отворено, сечат, лепат и монтираат. Е затоа имаме проблем и со лажните вести и со лажните медиуми. Оттаму час поскоро ни треба да го исчистиме огледалото, оти во спротивно рефлексијата и натаму ќе биде искривена, а тоа не се вистински вредности во едно демократско општество кон кое целиме, истакна Момироски.

Проектот „Гледај, читај, слушај и мисли со своја глава – Едукација за медиумска писменост“ ќе се спроведува во текот на следните пет месеци во Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави