Деца од цела Македонија ќе се запознаат со охридскиот автор Есад Бајрам
Скопје/Охрид, 17. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – На детскиот литературен фестивал „Ракатки”, кој по единаесетти пат се одржува денеска во Скопје, децата ќе се запознаат со творештвото на охридскиот писател за деца и возрасни Есад Бајрам.
На настанот кој е закажан за 18:00 часот во Домот на хуманитарни организации „Даре Џабаз“ во Скопје, ќе настапат над 30 млади литерати од основните училишта од повеќе места во Македонија.
Покрај охридскиот писател Есад Бајрам на манифестацијата децата ќе се дружат и со други писатели Драгица Најческа, Стојан Тарапуза, Косара Гочкова и Александар Кујунџиски, членови на Друштвото на писателите на Македонија, а музички гостин е кантавторот Џина Папас Џокси кој со години преку различни програми другарува со најмладите.
Младите литерати ќе имаат традиционална средба со македонските писатели за деца, а потоа посета на најзначајните знаменитости на Скопје. Традиционално и годинава ќе биде отпечатен алманах. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: megastar
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |