Избор На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ

Пуроски: Платформата www.emak.mk работи по теркот на Amazon и еBay

Охрид, 21. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Водени од огромниот раст на електронската трговија во земјава, охриѓаните Јордан Пуроски и неговиот партнер Марјан Мирчески, креираа платформа за тргување, слична на светските гиганти eBay или Amazon.

Платформата www.emak.mk функционира пред неколку дена, а е едиствена од ваков тип во Македонија. Преку неа може да се купува, продава, но и да се лицитира.

– Познавајќи ја структурата на потрошувачи и со цел пристапот кон платформата да биде едноставен и за продавачите и за купувачите, подолго време ја адаптиравме идејата и на краj создадовме нешто помеѓу eBay и Amazon. Платформата е во функција само неколку дена, а преку неа може да се продава, купува и лицитира, рече Пуроски, кој беше денешен гостин во емисијата „Radio Corner“ на Супер радио.

Како функционира платформата и која е најзината предност во однос на глобалните платформи, колку транскациите се безебедни и како тоа практично функционира, прочитајте повеќе во интервјуто за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Kако се роди идејата да ја создадете www.emak.mk првата македонска платформа за електронско тргување?

Пуроски: Идејата долго време ја разработувавме со мојот ортак Марјан Мирчески, со кој баравме начин како да ја имплементираме на наш пазар. Познавајќи ја структурата на потрошувачи и со цел пристапот кон платформата да биде едноставен и за продавачите и за купувачите, подолго време ја адаптиравме идејата и на краj создадовме нешто помеѓу eBay и Amazon.

Супер радио: Како функционира платформата, за кога е наменета и до каде сте со нејзината релизација?

Пуроски: Платформата е наменета за македонскиот пазарот и на Интерент функционира од пред три дена. Веќе е овозможено купување, продавање и лецитирање, како и отворање на веб продавници. Во првите месеци ќе се фокусираме на контакти со продавниците кои имаат интерес да бидат дел од платформата, со што би го зголемиле нивниот продажен потенцијал. Во моментов настојуваме да направиме и некои измени во врска со поштенските услуги на компаниите преку кои се дистрибуираат производите, односно тоа би значело корисникот кога нарачува производ да има претстава колку ќе чини доставата преку различни оператори. Најпрво ќе разговараме со Македонска пошта, но и со останатите приватни поштенски карго компании. Преку www.emak.mk може да тргуваат и правни и физички лица, може да се продаваат и нови производни, но и користени, а постои и опција за лицитација.

Супер радио: Од почетокот на годината до сега, во дигитална трговија македонците потрошиле 84 милиони евра, што претставува раст од 26 проценти во однос на истиот период лани. Радува и фактот што се зголемува и процентот на нарачки кон домашни онлајн продавници во однос на нарачките од странство. Имате ли претстава колкав процент од населението кај нас купува преку Интернет?

Пуроски: Разгледувавме многу истражувања и анализи кои се однесуваат на е-трговијата кај нас, според нив во Македонија има 406 илјади активни он-лајн потрошувачи. Ако оваа бројка ја споредиме со бројките од минатие години, ќе забележиме нагорен тренд на раст, што значи дека расте довербата и навиката кај македонските потрошувачи да пазарат преку Интернет.

Супер радио: Во што се состои предноста на www.emak.mk во однос на глобалните платформи за електронско тргување.

Пуроски: Предноста се состои во тоа што нарачката преку www.emak.mk се добива за неколку дена, споредено со месец или два кои се потребни да стигне нарачка од странство.

Супер радио: Една од причините за малку подоцното вклучување во дигиталната трговија кај нас, веројатно е и довербата кај потрошувачите во врска со безбедноста на трансакциите. Колку се безбедни трансакциите преку www.emak.mk?

Пуроски: Соработуваме со „Халк Банка“, а во однос на заштитата на трансакциите имплементиравме повеќе работи. Средствата за трансакцијата ги задржува www.emak.mk се додека нарачателот не го добиe производот кој го нарачал. Доколку производот кој го добил не содветствуа на описот во огласот или производот на некој начин е оштетен, ние ги рефундуираме средствата во целост. Добра алатка е и рејтингот на продавачите, кој го креираат корисниците кои нарачувале од него. На некој начин и самите купувачи имаат начин да се заштитат од продавачите на тој начин што после купувањето имаат можност да остават своја оценка за производот. Високоиот рејтинг на продавачот значи дека продавачот е искусен и чесен, но значи и заштита дека на крај ќе го добиете она што сте го нарачале.

Супер радио: Преку глобалните платформи како eBay, не ретко се случува производот да не стигне на време или воопшто да не стигне. Каква е политиката на www.emak.mk во врска со вакви случаи?

Пуроски: Постои политика на заштита на корисници и доколку од било кој причина производот не стигне до нарачателот, по пријава на нашата телефонска линија или на e-mail, ги разгледуваме информациите, го следиме патот по кој се движела нарачката преку карго компаниите и се трудиме да го решиме случајот во корист на нарачателот, кој крајно ќе го добие или производот (кој можеби залутал на погрешна адреса) или ќе добие целосна рефундација на средствата.

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука