март 23, 2018

Скопје, 23. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Телефонски апарати биле најдени при претрес на ќелиите на пратениците Крсто Мукоски од Вевчани и Сашо Василевски од Охрид, кои во моментов се наоѓаат во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, јави DW.

Покрај нив, телефони биле пронајдени и кај екс началникот во МВР, Оливер Поповски, член од обезбедувањето на Трајко Вељаноски и други лица.  Според првичните сознанија, дел од притворените преку тие телефони оствариле интензивна комуникација со партиски и други лица и не го криеле гневот дека се изневерени, и додека тие се во притвор, други спокојно си седат во фотелји.

Адвокатите на дел од осомничените рекоа дека не се информирани за одземените мобилни телефони. Тие  очекуваат Врховниот суд денеска да ги објави одлуките по жалбите на 15 обвинети за настаните во Собранието на Република Македонија од 27-ми април минатата година. Со жалбите се бара укинување на мерките притвор и куќен притвор и изрекување на поблаги мерки за осомничените.

За поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски се бара укинување на мерката притвор, а за пратеникот Љупчо Димовски и оперскиот пејач Игор Дуловски укинување на мерката куќен притвор и изрекување на мерки на претпазливост.

Муковски, Василевски, Чавков, Димовски, Дуловски, Поповски и полицискиот службеник Мунир Пепиќ се дел од 35-те осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. (Крај)

извор: DW фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука