Скопје, 23. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Белграде, подготви се! Едвај чекаме да ја донесеме нашата музика на сцената на „Дом омладине“ и да споделиме посебни моменти со белградската публика, која секогаш ни дава неверојатна енергија и поддршка!
Со ваква порака, одличните Funk Shui го најавуваат концертот во Белград во петок на 6-ти декември 2024 година, со почеток во 21:00 часот.
– Од нивниот деби албум Aether (2012), преку R.E.M. (2015), до третиот и последен албум „Никогаш Пак“, објавен минатата година, Funk Shui постепено ја освојуваше публиката низ Балканот и цела Европа. Нивните песни како „Ветер“, „Не време“, „Магла“, „Никогаш Пак“ и „Роденден“, придружени со спектакуларни видео клипови, претставуваат само дел од приказната што ќе ве воодушеви во живо, порачуваат организаторите.
Funk Shui е скопски бенд кој комбинира повеќе различни ритми и алтернативни инструментални музички жанрови. Создаден е во 2010 година во длабочините на МКЦ, а комплетиран од тројца музичари кои создаваат своја лична авторска музика преку долги импровизирачки сесии. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива