јануари 29, 2017

Охрид, 29. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Еколозите и експертите реагираат на она за што OhridPress и останатите медиуми веќе подолго време предупредуваат, исклучително нискиот водостој на езерто, кое е веќе далеку под дозволената граница.

– ЕЛЕМ ја користи водата од реката Дрим за производство на електрична енергија. Охридското Езеро не е вештачко езеро па да може кој сака да си го (зло)употребува. Ова не смее да се дозволи, порачуваат од Охрид СОС од каде пренесуваат и реакции на охриѓани:

– Нивото на езерото е 15 см под природната минимална кота. Охридското Езеро не е акумулација за вода на ЕЛЕМ. Денеска на електронската табла на УХМР која ги покажува главните параметри на водата од Охридското Езеро, околу 17:00 часот можеше да се прочита дека нивото на водата беше – 0,15 м (15 см) под, претпоставувам, просечната (природната) минимална природна кота на езерото. Постојат три коти на нивото на езерото кои се регулирани со Закон и тоа: максимална кота на нивото на Езерото – 693,75, законска минимална кота на нивото на Езерото – 693,10 и просечната (природната) кота на Езерото – 693,17. Ако податоците (мерењата) на електронската табла на УХМР се точни денеска попладне (28.01.2017 – сабота) нивото на езерото е 8 см под минималната кота пропишана со закон. Главната причина за вака ниското ниво на езерото е производство на електрична енергија од страна на ЕЛЕМ. Езерото се празни, а сите си ќутат. Само ЕЛЕМ си ги трие рацете од ќарот што ќе го добие од испуштање на водата под законски дозволеното ниво, напиша на својот профил на Фејсбук Проф. д-р Трајче Талевски, научен советник и раководител на одделението за краповидни риби во охридскиот Хидробиолошки завод.

Тој посочува дека нивото на водата во каналот Студенчишча е спуштено на многу критично ниво.

– Кај рибата која е влезена во каналот на презимување веќе се чувствува вознемиреност. Апел до ЕЛЕМ да ги затвори вратите на Дрим за да го намали испуштањето на вода од езерото. Со вакво темпо на незаконско испуштање може да се случи помор на плашицата како пред некоја година. И после, кривецот ќе биде никој. Не, крив ќа биде ЕЛЕМ, додава Талевски.

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука