април 29, 2017

Охрид, 29. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Граѓанската повелба е глобален документ, со кои се реафирмираат човековите права и слободи, потребата на граѓанките и граѓаните да учествуваат во донесувањето на одлуките на локално и национално ниво“, вели Џабир Дерала од иницијативата Цивил медиа.

Иницијативата денес беше претставена пред граѓаните на Охрид. Од Цивил Медиа појаснуваат дека станува збор за документ „кој ја реафирмира потребата од подобрување на условите, во кои граѓанското дејствување се гледа во последните години како жртва на сериозен притисок, како политички, така и од бизнис структурите“.

– Тоа се однесува на нашата активност во рамките на промоција на оваа повелба. Да соопштиме дека Цивил Центар за слобода е меѓу првите 50 организации во светот, кои ја потпишаа и и пристапија на оваа граѓанска повелба и воедно е организација, која е меѓу пионерите, кои ја промовираат оваа повелба на национално ниво со посета на општините, каде ја нудиме на потпис на граѓанките и граѓаните, додава Дерала.

Воведена е и новина, а тоа е фото и водео петицијата, каде граѓанките и граѓаните освен што можат да се потпишат на повелбата, можат и да се фотографиираат и да дадат своја изјава. Документацијата ќе оди во Меѓународниот центар за граѓанско општество во Берлин. Документот се заснова на политиките и практиките на заштита на човековите права и слободи, почнувајќи од универзалната декларација за човекови права.

civilgraganskapovelba2

– Граѓанските капацитети треба да извршат позитивен притисок на структурите како во политиката, така и во бизнисот, да го ослободат јавниот простор и воопшто просторот за граѓанско делување и да му дадат димензија која иманентно му припаѓа. Освен тоа, ние во рамките на проектните активности, ја промовираме социјалната правда, екологијата, овие две сфери се обидуваме да ги доближиме, објаснува Дерала.

civilgraganskapovelba3

Покрај промовирањето на граѓанската повелба, од Цивил дадоа своја оценка на моменталната ситуација во Македонија:

– Актуелната ситуација во државава е загрижувачка. Се работи за шокантна, насилничка акција во која соучесници за жал ги гледаме надлежните институции, меѓу кои и Министерството за внатрешни работи. Се работи за една акција која се обиде да го урне поредокот и воедно да изврши окупација и насилство врз претставниците на граѓаните кои гласаа на изборите во декември и една тешка медиумска манипулација. Во овој момент како организација за човекови права не можеме да кажеме дека постои закон и устав, дополна Дерала. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука