Охрид, 3. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Екипирањето на новата локална самоуправа, првите луѓе околу новиот градски татко и секако носителите на јавните функции остануваат една од темите кои се најактуелни во охридската јавност.
Новиот градоначалник на Охрид, Јован Стојаноски вели дека веќе има одбрано неколку соработници, кои барем привремено ќе му помагаат во извршувањето на работата.
– Јас отсекогаш сум велел дека еден градоначалник не може се сам да постигне, посебно во ваква една сложена ситуација во која се наоѓа Општина Охрид, блокирана сметка, висока задолженост, а нормално и големи развојни очекувања од граѓаните. Сосема е нормална и очекувана мојата одлука да го збогатам мојот кабинет со искусни, проверени и пред се` чесни луѓе, дециден е Стојаноски.
Во минатата локална власт позицијата заменик градоначалник беше прилично експонирана, а сега по се изгледа ќе се сведе на протоколарна.
Согласно Статутот на Општина Охрид е нормирано дека во отсуство на градоначалникот се избира еден од редовите на советниците којшто ќе го заменува, рече градоначалникот Стојаноски.
– Значи тоа не е функција заменик градоначалник, туку избраниот советник го заменува само во негово отсуство. Тој нема право ни да потпишува одлуки ни да носи решенија, повеќе го заменува во некои тековни работи, вели Стојаноски.
Во средата се одржа конститутивната седница на новиот состав на Советот на Општина Охрид. На седницата беше избрана и Комисијата за верификација, избори и именувања, во состав Марија Попоска, Илија Арнаудовски, Мишел Силјаноски, Снежана Стефановска и Нефи Усеини, која ги потврди мандатите на новите 23 советници.
На конститутивната седница не беше избран новиот претседател на градскиот совет, а градоначалникот Стојаноски најави дека тоа ќе се случи во текот на наредната недела. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес