ноември 3, 2017

Охрид, 3. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Бирото за развој на образованието до ресорното министерство доставило предлог за намалување на обемот на податоци што наставниците треба да ги внесуваат во електронскиот дневник. Според предложените измени, во дневникот ќе треба да се внесуваат имиња и презимиња на учениците, нивните отсуства и распоредот на часови.

Електонскиот дневник во образованието беше воведен во 2011 година и требаше да значи укинување на постоечките дневници и целата евиденција за ученикот да биде достапна по електронски пат. Но, наместо олеснување, е-дневникот им задаваше само главоболки на наставниците, а пишуваните дневници не заминаа во историјата. Најавите за побараните измени наидоа на позитивни коментари.

– Воведувањето на е-дневникот значеше уште плус работа за нас, бидејќи водиме паралелна евиденција. Сето тоа во многу влијае и на образовниот процес, да не можеме да се посветиме на нашата примарна работа. Ние сме просветни работници,а не административци. Доколку се усвојат овие предлози, ќе биде големо олеснување, вели наставничка во основно училиште.

– Голема главоболка ни прави електронскиот дневник, а особено на полугодие или кога требаше да ги внесуваме завршните оценки, многу често се случуваше да падне системот, па да не можеме да внесуваме податоци. Често пати се случуваше да сме во трка со времето, со оглед на тоа што се предвидени прекршочни пријави и парични казни за невнесување на податоци. Сето тоа ни предизвикува дополнителна нервоза и непроспиени ноќи. Ја поддржувам иницијативата на Бирото, децидна е друга наставничка.

Работните групи на Бирото за развој на образованието побарале и да не мора во е-дневникот да се евидентираат часовите, екскурзиите и родителските средби.

По одлуката за укинување на екстерното тестирање, ова очигледно ќе биде уште една олеснителна околност за просветарите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука