Охрид, 10. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Мнозинството во новоформираниот Совет на општина Охрид сеуште не е искристализирано, а веќе за в понеделник е закажана седница на која треба да се избере претседател. Во воздух виси прашањето на чии предлог ќе дојде името на новиот предводник на советот.
Побаравме мислење и став од претходни членови на советот. Според поранешниот висок функционер во СДСМ и претседател на општинскиот совет, адвокатот Владо Чингоски проблемот е во начинот на коалицирање, предкоалиционите договори и постизборните преговарања, што,кому и колку е ветено.
– Градоначалникот може да помогне, макар што јас сум многу против градоначалник да се меша во работата на советот, со оглед на тоа што се работи за два различни органи, со различни надлежности. Советот е нормативно тело, кое носи одлуки, а градоначалникот е извршен орган кој треба да ги спроведува тие одлуки. Ние сега имаме една ситуација каде се е во рацете на градоначалникот, дури и тој да го прави и мнозинството. Тука веќе на сила стапува клиентелизмот, каде се ветуваат работни места, раководни функции за да може да се направи мнозинство.
СДСМ има 11 советници. Ако гледаме дека на централно ниво се во коалиција со ДУИ, би требало таквата ситуација да се пренесе и на локално ниво. Значи, со двајцата советници од коалицијата „Заедно за Охрид“ би имале мнозинство со 13 советници и би избрале претседател. Друга работа е дали тоа може да се направи, кои се условите кои евентуалниот коалиционен партнер ги бара да исполнат, вели Чингоски.
Според него во игра да направи мнозинство е и ВМРО ДПМНЕ, кои со нивните 10 советници и уште двајца од албанскиот блок може да избере претседател на совет. Тука да не заборавиме дека советот е надлежен за избор на управни одбори по јавните претпријатија и другите институции, што би можело да направи проблеми на раководителите кои ќе ги именува градоначалникот, истакна Чингоски.
Дејан Пановски од неговото осум годишно искуство како советник, предлага концепт за нов пристап, а го предлага унгарскиот и други слични модели на спроведување на локални избори.
– На Локални избори да не учествуваат политички партии туку само градски кандидати (за Градоначалник) или здруженија на граѓани (листи) кои ќе формираат Совет. Тоа е тнр.non-partisan или непартиска демократија .Така градот добива и во персонален квалитет на управување и е партиски „слободен“ од притисоци, пазари и ситни интереси и со тоа полесно соработува и со централната власт и меѓународно во интерес на граѓаните. Ова е посебно апликативно за град каков што е Охрид. Со ова зборувам за идеи за подобра иднина на Локалната врз основа на искуството кое го стекнав. Не збрувам за минато и сегашни состојби. Мора да работиме со идеи за подобрување не само со обвинување и интереси, дециден е Пановски.
Градоначалникот Јован Стојаноски е со став дека демократски напредок е градоначалникот работи дури и во средина во која го нема мнозинството на советници или секогаш го има лабилно, затоа што тоа е начин во кој секогаш градоначалникот ќе биде обврзан да ги штити интересите на сите граѓани.
– Јас дадов свечена заклетва дека ќе бидам градоначалник на сите. Сосема е демократски и сосема е добро за граѓаните да имаме балансиран Совет, да имаме балансирано донесување одлуки за да имаме градоначалник кој ќе работи во интересите на сите граѓани, потенцираше Стојаноски.
На конститутивната седница, поздравувајќи ги избраните 23 советници им посака да бидат сложни и сплотени и секогаш да работат во интересите на нашиот град и граѓаните. Останува да почекаме до понеделник и да го видиме исходот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото. архива