Охрид, 28. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вчера и денес во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид се одржа дводневна обука на тема „Идеи, методи и техники за поттикнување на комуникацијата кај учениците на часовите по германски јазик“, организирана и поддржана од Гете Институт од Скопје.
На самата обука зедоа активно учество наставниците по германски јазик од основните училишта во Охрид. Целта на обуката, како што истакнува Ивана Маховска Шикалеска, професор по германски јазик и воедно и мултипликатор на настава и обучувач, е збогатување и проширување на можностите на наставниците со разни методи и техники кои ќе водат до креативна настава на која учениците без страв и слободно ќе комуницираат на целниот јазик.
– Често пати се среќаваме со бариера на часовите, кога учениците не милуваат да го користат целниот јазик како средство за комуникација. Стравот од употреба на странскиот јазик доведува до сувопарно изучување и не предизвикува развивање на интерес ниту кон јазикот ниту кон културата на народот чиј што јазик се изучува. Затоа е потребно наставникот да ја вложи својата креативност, со помош на оние ресурси со кои располага, за да одржува настава според Европска рамка во која е предвидена интерактивна настава со акцент на комуникација и слухово и визуелно препознавање и разбирање, вели проф. Маховска Шикалеска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива