ноември 29, 2017

Охрид, 29. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес во Охрид ќе се одржат завршните активности од проектот „Поттикнување на вработливоста во туристичкиот сектор“ во чии рамки ќе се одржи и панел дискусија на тема „Човечките ресурси како клучен фактор за успешна туристичка понуда“.

– Заинтересираноста за бесплатните обуки за дефицитарните кадри во угостителството во регионот: бармени/баристи, готвачи, пекари, професионални келнери беше голема. Во две серии на обуки кои се одржаа во Тетово и Охрид беа вклучени 170 кандидати кои утре ќе ги презентираат научените вештини и ќе се здобијат и со сертификати за занимањето за кое се обучуваа. Програмата ја спроведуваше Факултетот за туризам и угостителство од Охрид со тренери со меѓународно искуство и најчесто се повратници од странство. Во рамки на проектот се нуди можност за вработување преку неформални програми за квалификација и обука, како и финансиска поддршка за започнување и проширување на мали бизниси. Денес напладне, поздравни обраќања пред присутните ќе имаат: Бенјамин Мор од GIZ LEIWW, Министерот за регионален развој на Косово Расим Демири и претседателот на Советот на Општина Охрид Живка Ангелоска, информираат организаторите.

Презентација на мерката „Поттикнување на вработувањата во туристичкиот сектор“ во рамки на GIZ LEIW програмата ќе одржи Аница Палацо, советник во GIZ LEIWW, а презентација на програмата за неформални обуки за избрани професии во туристичкиот сектор ќе има проф. д-р Ангела Крстаноска Василеска од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

На панел дискусијата „Човечките ресурси како клучен фактор за успешна туристичка понуда“, чиј модератор ќе биде д-р Зоран Тунтев, се поканети повеќе практичари од образовниот и приватниот сектор од туризмот и угостителството од Охрид, кои ќе се обидат да дојдат до решенија на проблемот со недостиг од стручна работна сила во туризмот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука