Охрид, 4. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го одбележуваат празникот на воведувањето на пресветата девојка Марија во Ерусалимскиот храм. Народот овој празник го нарекува Пречиста, што одлично ја доловува неговата смисла.
Приказната вели дека кога Дева Марија наполнила три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја довеле од Назарет во Ерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и ангелите Божји. Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.
Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите Ја кренаа Дева на првото скалило, а Таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, кај што Ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на Св. Јован Предвесник. Бог преку света Захарија, кој беше надвор од себе и обземен од Бога”, ја прослави умната и телесна чистота на Марија, која подоцна стана врата на спасението, т.е. го прими во себе, го носеше и го роди Синот Божји, истовремено и Син Човечки, Христос. Најчистиот се роди од најчистата утроба. Затоа и празникот е Пречиста.
Кога првосвештеникот Ја зеде за рака, Ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архиерејот.
Таа пребиваше во храмот цели девет години. Родителите Ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се престават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Св. Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за под вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.
Марија е првата девојка што се решила и што успеала до крајот на животот да биде заветна или посветена на Бога. По нејзиниот пример подоцна тргнале илјадници девојки и момчиња.
Во спомен на воведувањето на тригодишната Марија во храмот светата црква го востановила празникот Воведение што се празнува на 4-ти декември. (Крај)
извор: МПЦ фото: архива