декември 8, 2017

Охрид, 8. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со бројни настани и манифестации, општината и институциите кои го носат неговото име, се одбележува Денот на заштитникот на Охрид, Св. Климент Охридски.

Настаните започнаа од вторникот, 5-ти декември, со премиерата на претставата „Баал“ од Бертолт Брехт, во изведба на Охридскиот народен театар.

baal3Во средата концерт имаа учениците од ОМУ „Методи Патче“, по што во Центарот за култура „ Григор Прличев“ се одржа свечената приредба по повод патрониот празник на ОУ „Св. Климент Охридски“.

Во големата општинска сала вчера беше промовирана книгата „Слова за Свети Климент Охридски“ од  проф. д-р Димитар Пандев. Во Центарот за култура „Григор Прличев“ синоќа имаше богата програма. Беше отворена традиционалната изложба на фото-клубот „Охрид“, изложбата на роднокрајни ликовни уметници, а се одржа и свечената приредба по повод патронатот на охридската гимназија.


Денес, за 11:00 часот е предвидено поклонение пред моштите на Св. Климент Охридски во црквата на Плаошник, а половина час подоцна и полагање свежо цвеќе на неговиот споменик во основното училиште.

Напладне ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот на „Св. Климент Охридски “ на градскиот плоштад. Вечерта од 20:00 часот, во дијамантската сала на хотелот „Инекс“ ќе се одржи свечената академија по повод  Денот на градот Охрид.

Активностите за чествување на патронот на Охрид ќе завршат утре, за кога е закажан хуманитарен музички хепенинг (рок-мобилизација во чест на Св. Климент Охридски), во организација на охридскиот Црвен Крст. Настанот е со почеток во 12:00 часот на Градскиот плоштад. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука