Охрид/Скопје, 14. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Мисијата на ОБСЕ во Скопје, имплементира кампања за подигање на свеста на тема „Поттикнување на граѓанското учество преку серија регионални дебати и форуми“, во која е вклучен и Охрид.
Целта на оваа кампања е да ги поттикне граѓаните и зајакне капацитетите на граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и локалните власти да иницираат проактивност и креираат соработка со цел подобрување на севкупните услови за живот во земјава.
Учеството на граѓаните во политичките и социјалните сфери на општествено делување е еден од клучните елементи на функционалната демократија и демократското владеење. Нивото на граѓанско учество и ангажирање во активностите кои се политички и општествено важни е на многу ниско ниво. Според анкетите спроведени од ИРИ во 2015 година, 51% од граѓаните воопшто не се мотивирани (покрај 17%, кои не се доволно мотивирани) да учествуваат во било која форма на политички и општествени активности за решавање на конкретен проблем или за влијание врз одлуките на политичарите. Ова е меѓу најниското ниво на учество во Европа во споредба со барометарот на ЕУ. Граѓаните во земјава велат дека не веруваат дека нешто може да се промени, или пак тие се рамнодушни кон политичкото учество и тврдат дека „тоа не е нивна работа”.Овие наоди покажуваат дека свеста на граѓаните, како и нивната мотивација, е многу ниска кога станува збор за било каков социјален и /или политички ангажман.
За таа цел во рамките на кампањата, а под слоганот #АКО ЈАС СЕ ПРАШУВАМ се организираат шест локални дебати и еден регионален форум за граѓанско учество. И Охрид е меѓу градовите каде ќе се одржи локална дебата.
Покрај дебатите и форумот за потребите на кампањата развиен и подготвен е и сет на промотивни материјали, ТВ реклами, флаери, постери, објави на социјалните медиуми, маици, и награден конкурс за иновативни идеи на тема „Граѓанска вклученост“. На трите најкреативни идеи ќе им бидат доделени таблети како награда.
Кампањата се реализира во периодот од 11-ти до 22-ри декември. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива