декември 16, 2017

Охрид, 16. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ќе го стопираме проектот за реконструкција на Алипашината џамија во Охрид за да најдеме заедничко решение. Не би дозволиле таму да се гради, а самото градење да предизвикува етнички тензии и да биде надвор од законските процедури, порача денес од Охрид министерот за култура Роберт Алаѓозоски по бурните реакции во јавноста во врска со овој верски објект.

Според министерот, низа законски пропусти биле констатирани и од страна на инспекторатот. Тој додаде дека конзерваторското решение од охридскиот Завод и музеј не дозволува дивоградби на споменичното добро.

– Мора да ги смириме тензиите, да се држиме до законите и законската процедура и судбината на Алипашината џамија да ја вратиме во рамките на она што го предвидуваат законските процедури, вели Роберт Алаѓозоски, Министер за култура во Владата на Република Македонија.

dzamijaohrid

Од Управата за заштита на културното наследство неодамна соопштија дека од извршениот инспекциски надзор на 7-ми ноември било констатирано дека сите работи на непосредна заштита на Али-пашината џамија во Охрид се изведуваат согласно одобрената проектна документација. Додаваат дека не е испочитувано пропишаното со точка 6 од диспозитивот на Конзерваторското одобрение, односно дека „работите од став 1 од диспозитивот на ова одобрение може да се изведат врз основа на правосилно одобрение согласно со прописите за градење“.

– Во таа насока, согледувајќи дека не е испочитувано конзерваторското одобрение во целост, постапено е согласно член 172 став 1 точка 10 од Законот за заштита на културното наследство и поведена е постапка против носителот на конзерваторското одобрение – Исламската верска заедница – Муфтиство Охрид поради изведување работи на непосредна заштита спротивно на издаденото конзерваторско одобрение. За констатираните неправилности Управата писмено го извести и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за постапување согласно нивните надлежности, информира од Управата.

Соопштението следува откако граѓани на Охрид организирани во Здружението „Совест“ реагираа на начинот на кој се врши реставрацијата на Али-пашината џамија во Охридската чаршија, како и на градежните активности околу самиот објект, за кои тврдат дека се спроведуваат без соодветна дозвола од надлежните институции. УЗКН посочува дека при отстранувањето на бесправно изградените објекти, вклучително и тремот на џамијата и другите пропратни градби, односно изведба на земјени работи при темелењето на помошните простории – тоалети, не се констатирани археолошки остатоци и дека тоа е констатирано и во извештаите од археолошкиот надзор.

Врз основа на Елаборат за ревалоризација од 18-ти февруари 2014 година, изготвен од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, Али-пашина џамија во Охрид е прогласена за значајно културно наследство со соодветен режим на заштита и е впишана во Националниот регистар на културното наследство, Главна книга, Дел први – Недвижно културно наследство.

Поради несоодветно преземени мерки на обнова спроведени во минатиот век, кои во голема мера ја нарушуваат автентичноста и негативно влијаат врз состојбата на заштитеното добро, изготвен е Основен проект за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али-пашината џамија во Охрид, изработен од МЗТ ИНЖЕНЕРИНГ, ДОО Битола.

Конзерваторско одобрение за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али-пашината џамија во Охрид е издадено во јуни 2016 година од Управата за заштита на културното наследство, по барање на имателот на доброто – Исламска верска заедница во Република Македонија – Муфтиство Охрид, откако било констатирано дека се исполнети условите предвидени во членот 87 од Законот за заштита на културното наследство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука