декември 18, 2017

Охрид, 18. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али-пашината џамија во Охрид, поточно најавата за изградба на минаре високо 32 метри, периодов наназад ја бранува охридската јавност.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски при неодамнешната посета на Охрид најави дека ќе се стопира проектот за реконструкција на џамијата со цел да се најде заедничко решение.

– Не би дозволиле таму да се гради, а самото градење да предизвикува етнички тензии. Мора да ги смириме тензиите, да се држиме до законите и законската процедура и судбината на Алипашината џамија да ја вратиме во рамките на она што го предвидуваат законските процедури, потенцира министерот Алаѓозовски.

robertalagozovskiОдобрението за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Алипашината џамија во Охрид беше издадено во јуни 2016 година од Управата за заштита на културното наследство, по барање на имателот на доброто – Исламска верска заедница во Република Македонија, Муфтиство Охрид, откако било констатирано дека се исполнети условите предвидени во членот 87 од Законот за заштита на културното наследство.

Според министерот, инспекцискиот надзор од страна на Управата за заштита на културното наследство констатирал низа законски пропусти и додаде дека конзерваторското решение од охридскиот Завод и музеј не дозволува дивоградби на споменичното добро.

zdruzeniesovestОд Здружението на граѓани „Совест“ од Охрид кои реагираа на начинот на кој се врши реставрацијата на Алипашината џамија како и на градежните активности околу самиот објект, се задоволни од одлуката на министерот.

Сето ова е резултат на нашите активности во текот на еден подолг период. Навлеговме во документацијата, ги видовме сите работи кои се правени. Контрадикторноста во документацијата не доведе до ова што се случи, изјави за Супер радио и OhridPress претседателот на здружението, Михаил Трендафлов.

– Ако не поткреневме ваква иницијатива, немаше да дојде дојде министерот или да реагира Јавното обвинителство. Сега останува да видиме дали институциите ќе си ја завршат работата како што треба. Ние сме тука и понатаму ќе бидеме упорни. Немаме ништо против Алипашината џамија, не радува тоа што е прогласена за споменик на културата. Но, се знае дека за ваков потфат мора да се има одобрение за градба, конзерваторски работи не се прават со багери. Наше предвидување е дека ова е правено под нечија директива, потенцира Трендафилов.

По ова прашање Супер радио и OhridPress побараа став и од Исламската верска заедница во Скопје. Оттаму кусо ни одговорија дека имаат став и истиот официјално ќе го соопштат деновиве.

dzamiiohridво поширокиот централен дел на Охрид, на 2 км воздушна линија има седум џамии

Али Пашината џамија претставува споменик на културата заштитен уште од 1968 година. Периодов наназад јавноста ја загрижуваше градбата на минарето. Поранешната директорка на охридскиот Завод и музеј, Тања Паскали – Бунташеска, реферирајќи како стручно лице, непосредно вклучена во изработка на проектот за конзервација и реконструкција на џамијата висината на минарето од 32 метри го правдаше со тоа дека истото е дел од еден споменик на културата и дека  на овој простор имало остаток од постоечкото минаре во висина од 6,5 метри. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука