Охрид, 19. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Поради отсуство на адвокатот Емил Балабан, бранител на обвинетиот Бојан Угреновиќ беше одложено денешното рочиште во повторениот судски процес за убиството на младиот Димитар Матилоски.
Како причина за отсуството на Балабан беа наведени здравствени проблеми, па судијката Весна Кичеец ново рочиште закажа за 9-ти јануари 2018 година.
Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, Угреновиќ, со одлука на судот на 27-ми јули беше пуштен на слобода.
Кривичниот совет потоа донесе решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје, а во отсуство му беше одреден и нов притвор. Но, досега судот нема добиено известување од СВР Скопје дали Угреновиќ е пронајден.
По бројни одложени рочишта, Кривичниот совет на охридскиот Основен суд на 16-ти ноември донесе одлука на Угреновиќ да му се суди во отсуство, со што се создадоа услови за отпочнување на главната расправа во повторениот судски процес. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива