декември 20, 2017

Охрид, 20. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес и официјално стартуваше проектот „Од 20-ти до 20-ти – СИТЕ ВО ОХРИД“, кој ќе трае до 20-ти јануари 2018 година. Секојдневна програма на повеќе сцени во градот, концерти, забави за најмладите, театарски претстави, Трки на келнери и Дедо Мразовци, Ден на графитите, фото изложби, промоции на книги, се само дел од настаните предвидени со овој амбициозен проект.

Градоначалникот Јован Стојаноски истакна дека основната интенција на оваа акција е да се опфати еден од најатрактивните периоди во текот на годината, надвор од главната туристичка сезона во Охрид. Покрај новогодишните празници, тука се и Божиќ, Стара нова година и секако Водици, кои се од исклучително значење за заедницата.

– Покрај стандардните традиции во градот во овој дел од годината, планирано е да се воведат и нови содржини: „Игри без граници“ во Центарот на градот, театарски дел и изложби на отворено, „Од СРЦЕ за Охрид“ – посебна акција за најмладите… Покрај овие, предвидени се и многу други настани како трки на Дедо мразовци, трки на келнери, ден на виното, и многу други.

Како една од најатрактивните содржини на овој месец на забавата во Охрид е и „Чоколадниот новогодишен свет“, посебна манифестација во склоп на главната, лоцирана на делот од „Бистро Корнер“ на влезот во чаршијата до фонтаната кај Чинарот. Овој дел ќе биде посебно украсен со чадори и тезги на кои ќе се продаваат слатки производи во центарот на улицата, а предвидена е и посебна забавна програма за најмладите со одбрана музика, диџеј и анимација за најмладите, рече Стојаноски.

jovanstojanoski2020Тој напомена дека ова е мал дел, можеби некаде 20% од целиот проект, кој од оправдани причини, немање на време и предвидени средства со стариот буџет за оваа намена, нема да се спроведе оваа година.

– Ова ќе биде само почеток, за следната година да имаме еден навистина достоен и спектакуларен дочек на Нова година, но и цел месец одбрана забава во Охрид. На ова одговорните за овој проект ќе работат веќе со почетокот на Новата година и се надеваме дека ќе имаме еден бренд кој ќе се издвои по својата атрактивност и уникатност, вели Стојаноски.

Како партнер во реализацијата на овој амбициозен проект се јавува најслушаната локална радио станица, Супер радио, чија беше идејата за еден ваков настан. Она што е планирано во заедничка организација со одделенијата во локалната самоуправа е да се добие една поголема масовност, но на територијата на поширокиот централен дел, истакна сопственикот на Супер радио, Сашо Митаноски.

sasomitanoski– Идејата е да имаме неколку стејџови, од кои два се во центарот на градот. На Градскиот плоштад веќе има поставено куќичка во која ќе се одвиваат анимациите со помалите дечиња, ќе има подароци за нив и секојдневна програма. Таму ќе биде и големата сцена на која ќе настапуваат музичките имиња. На делот кај „Чоколадниот новогодишен свет“ предвидено е да има и посебно брендирани штандови, што ќе му донесе еден нов квалитет на овој дел. Како локации ќе се користат и плоштадот кај старата библиотека, а на плоштадот кај Мини маркет е предвидена театарска претстава, потенцира Митаноски и додаде дека основната замисла е да не бидат сите случувања само тие три дена околу Нова година и тука се` да заврши, туку да имаме цел месец настани.

kukaplostadtezgiplostadКуќата на Градскиот плоштад и тезгите за фестивалот на виното

Митаноски ја повтори важноста на соработката со угостителите и ги повика активно да земат учество за она што се подготвува за следната година, бидејќи најголемиот дел од добивката ќе биде за нив. Според него на прагот сме од проектот „Од 20-ти до 20-ти – СИТЕ ВО ОХРИД“ да се направи една многу убава традиција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука