март 2, 2021

Охрид, 2. март 2021 (ОХРИДПРЕС) – Атлетичарот на АК „Охрид“ Јован Стојоски е единствен македонски претставник на трката на 400 метри на Европското првенство во сала за сениори/ки што се одржува во Торун, Полска.

Квалификациите се во петок, а финалната трка е во сабота. На првенството требаше да учествува и Дарио Ивановски, но е позитивен на вирусот COVID-19.

Стојоски успеа да обезбеди норма за Европското првенство на атлетскиот митинг „Црвена Ѕвезда“ што се одржа во јануари во Белград, Србија. Таму беше најдобар на трката 400 метри во сала, патеката ја истрча за 47,57 секунди, што е негов нов личен рекорд во оваа дисциплина. Македонскиот рекорд во оваа дисциплина, 47,49 секунди, го „поседува“ покојниот Исмаил Мачев, поранешен тренер на Стојоски.

За жал Атлетската федерација на Македонија не дозволи со него во Полска да биде и неговиот личен тренер Марина Мишиќ, па придружба на Стојоски е официјално лице на федерацијата. И покрај тоа, тој вели дека ќе го даде максимумот.

– Некои луѓе треба да разберат дека во сечиј интерес атлетичарот да патува со својот тренер на натпреварот. Кога еден ден ќе бидам на чело на македонската атлетика, ќе покажам како се работи. Мојот таргет за ова натпреварување е достојно да ја претставам Македонија, својот тренер и себеси во најдоброто можно светло, вели Стојоски.

Тој денес го има и првиот тренинг, а за првенството интензивно се поготвува повеќе од два месеци.

Стојоски држи пет национални рекорди, и тоа на 200 метри на отворено (21,32 секунда) и 300 метри на отворено 33,83 и 200 метри во сала (21,94 секунда), 400 метри за сениори во сала (47,57) и за помлади сениори (46,92). Тој вели дека и покрај тоа што се натпреварува во повеќе дисциплини, неговата физичка градба и фокус во тренинзите е врз дистанцата на 400 метри, а неговите аспирации се да го достигне европскиот врв во таа дисциплина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука