мај 13, 2020

Охрид, 13. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Традицијата на предизборни ветувања (читај лаги) станува се понормална и бесрамна.

Вчера преку соопштение до медиумите се најави нов проект и тоа замислете за развивање на спортот. Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија наскоро започнуваат со реализација на крупен спортски проект, изградба на баскет игралиште во некогашната касарна „Михајло Апостолски“, рекоа на денешната прес конференција од Граѓанско Демократска Унија (ГДУ).

– Браво за замислата и се надеваме дека нема да биде како со ултра модерниот стадион во Лескоец. Или тоа е веќе застарено ветување? Па не е толку далеку новото замислено баскет игралиште од Лескоец и ќе можат луѓето да доаѓаат тука на рекреација. Толку од поддршката за спортот и младите во Лескоец. По се изгледа директорот на Агенцијата за млади и спорт бара друга локација за рекламни спотови, бидејќи во Лескоец тешко дека ќе може повторно да прави реклама со ултра модерниот стадион. Да не ја заборавиме и затворената спортска сала, но можеби и неа ја дислоцирале. Повеќе од очигледно е дека овие ветувања ќе влезат во низата на ветено и неисполнето, заедно со стационарот, затворениот базен кој требаше да биде функционален уште во 2018 година, софистицираната фабрика, фамозната Гасификацијата на Тунтев, УНЕСКО, дивоградбите, канализацијата на повеќе места како Лескоец, Рача, Подмоље и други, истакна претседателот на ГДУ Охрид, Даниел Јорданоски.

Тој додаде дека од ВМРО-ДПМНЕ ја осудуваат и критикуваат за „ЌЕ“ кампањата, а забораваат дека половина проекти на СДСМ беа и во предизборната кампања на партијата уште во 2013 година.

– Забораваат дека ветија стационар, затворен базен, модерно спортски центар во Лескоец, канализации и сѐ останато. Но замислете се сетиле да побараат од Власта да им се извини на охриѓани за излажаните проекти. Пред се, нека дадат пример како се прави тоа, бидејќи и тие со години наназад исто така ги лажат охриѓани. И разумно е да кажат дека „прв пат“ со зборот дивоградби се соочиле во 2017 година откако изгубија на локалните избори, исто и за УНЕСКО „прв пат“ слушнаа во 2017 година. Но добро е важно напредуваме. Жалосно е тоа што сѐ уште ги понижувате и потценувате нашите сограѓани. Жалосно е тоа што 10-15 години ветувате едно исто и без срам го повторувате истото, рече Јорданоски.

Тој ја повика власта прво да го заврши тоа што го вети пред да дојдете на власт, а потоа да ветуваат нешто друго. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука