Скопје, 16. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа го потпишал решението според кое предвремените избори за пратеници ќе се одржат на 15-ти јули годинава.
– Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори за пратеници во Собранието на 15-ти јули 2020 година го потпишав синоќа и истото е архивирано и пратено до Државната изборна комисија, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот, соопшти утрово Џафери.
Тој известува дека имаме нова ситуација поради тоа што епидемијата со ковид-19 го одложи спроведувањето на предвремените парламентарни избори претходно закажани за 12-ти април 2020.
Политичките лидери во земјава вчера постигнаа договор за закажување на нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Консензуалниот датум на власта и опозицијата е 15-ти јули 2020.
– Овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните, додава Џафери. (Крај)
извор: Плус инфо фото: архива