февруари 15, 2021

Охрид, 15. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато и во зимски услови по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот. Поради ниските утрински температури, има и појава на голомразица, информираат од ЈП „Македонија пат“.

На патниот правец Тетово-Попова Шапка поради врнежи од снег и ниски температури на учесниците во сообраќајот им се препорачува задолжително да носат зимска опрема и по потреба истата спрема условите на патот да ја употребат.

Поради остатоци од снег на коловозот, забрани за тешки товарни возила има на следниве патни правци:

– Прилеп-Кавадарци преку планинскиот премин Плетвар.

– Тетово-Попова Шапка има забрана за сообраќај за тешки товарни возила и автобуси.

– Битола-Ресен преку планинскиот премин Ѓавато.

– Крива Паланка-граничен премин Деве Баир.

– крак Маврово-Дебар има забрана за сообраќај на тешки товарни возила со приколка.

– Од Дебар кон Струга. Во спротивниот правец од Струга кон Дебар нема забрана за тешки товарни возила.

Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Виница-Берово и Кочани-Делчево.

На сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15-ти март 2021 година. (Крај)

извор: АМСМ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука