Скопје, 25. март 2020 (ОХРИДПРС) – Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, информираше дека на состанокот во Агенцијата за лекови – МАЛМЕД беше одобрена комбинацијата на терапија за пациентите заболени од коронавирусот.
– Комбинацијата којашто ја содржи лекот хлоркинин и азитромицин, кој се покажа ефективен во повеќе земји, веќе од денешниот ден ќе биде аплицирана на пациентите коишто се лекуваат кај нас и во болничките и домашни услови после соодветна индикација од лекарот – заради тоа што е потребна прво проценка на клиничката состојба поради тоа што се дава кај одредена група, не кај сите пациенти, потенцираше министерот Филипче.
На прес-конференцијата, министерот Филипче рече дека во изминативе 24 часа регистрирани се 12 нови случаи на коронавирус во земјава. Седум во Скопје и пет во Куманово. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани со коронавирусот до денеска до 12 часот изнесува 148 лица од кои едно е излекувано и 2 се починати.
Според местото на живеење, досега случаи со Ковид-19 се регистрирани 88 во Скопје, 40 во Дебар, од коишто 1 лице е починато, Куманово 8, од коишто 1 лице е починато, Штип 7, Кавадарци 2, Охрид 2 и Гостивар 1 пациент.
На инфективната клиника, во моментов има 29 пациенти коишто се лекуваат стационарно. Од нив, една пациентка е во тешка општа состојба на респираторна машина, без промена во нејзината клиничка состојба во изминатите денови. Шест пациенти се со потешка клиничка слика, но сè уште респираторно самостојни, не им е потребна вентилаторна поддршка.
– Институтот за јавно здравје по план спроведува тестирање на сите лица коишто беа во врска со случајот на кожната клиника. Се работи за голема бројка, тие лица се сè уште во изолација и за да нема оптеретување за лабораторијата којашто во меѓувреме работи и други тестови од други пациенти од целата држава, ќе се тестираат луѓето во неколку циклуси. Во Куманово е направена интензивна комуникација со лица коишто освен лицата коишто се дијагностицирани со коронавирусот а во врска со починатата пациентка и засега ниту еден од другите членови на семејството нема клиничка симптоматологија, потенцираше министерот Филипче.
Министерот Филипче рече дека одделението за трансфузиологија во Охрид е затворено заради тоа што персоналот бил во контакт со лице коешто како пациент отишло да подигне терапија преку системот „Мој Термин“, а после неколку дена се развиле симптоми кај тоа лице и сега е дијагностициран коронавирусот кај пациентот.
– Согласно контактот којшто го имал пациентот со сите вработени, иако не се сите вработени во висок ризик, беше донесена одлука од страна на епидемиолозите, сите 10 вработени – докторите, медицинските сестри и помошно-техничкиот персонал да бидат во домашна изолација. Целосно е преземена службата за трансфузиологија од одделението коешто се наоѓа во специјалната болница „Св. Еразмо“. Крвоснабдувањето во ниту една болница – болничка установа во Охрид, не е загрозено. Таму целосно функционира и делот за одредување на крвна група којшто се потврдува со системот за телемедицина, којшто со години наназад работи во рамките на Институтот за трансфузиона медицина под раководство на институтот во Скопје, изјави министерот Филипче.
Завршија испитувањата и во болницата во Кавадарци. Ниту еден од персоналот и пациентите од одделението за Психијатрија нема позитивен тест, согласно времето кога е остварен контактот. За дел од нив ова се смета за дефинитивен резултат, а на останатиот дел на лицата коишто е потребно да помине повеќе време ќе се чека 14-тиот ден за да се завршат тестирањата. Одделението е затворено, завршена е целосна дезинфекција и чистење по протокол од локалниот центар за Јавно Здравје. Останатиот дел од болницата работи нормално и со пациенти, оперативниот програм и во однос на одделението за Гинекологија и Акушерство.
– Во Кумановската болница вчера интензивно се работеше од страна на локалните епидемиолози, од центарот за Јавно Здравје Куманово. Се правеа интервјуа, се анализираа првичните, секундарни контакти, сите во врска со починатата пациентка. Има дијагностицирани 5 позитивни лица, пациенти од коишто 3 се здравствени работници – 2 доктори и една медицинска сестра. Детално е анализирано и семејството во смисла на контакти и релации во однос на евентуални патувања во странство, контакти со луѓе коишто биле во странство, имајќи во предвид дека резултатите се чекаат во текот на денот, а земени се вкупно 63 бриса, како од медицински персонал во болницата, така и од членови во семејството. Согласно резултатите ќе се направи план за работа на целата болница во однос на функционирање на одделенијата, рече министерот Филипче.
Закажувањето на земање брисеви од вчера се врши и преку матичните лекари. Доколку граѓаните имаат некој од следните симптоми: сува кашлица, висока температура, треска или отежнато дишење, најпрвин треба да се јават по телефон кај својот матичен лекар. Заради заштита на сопственото здравје и здравјето на другите граѓаните не смеат да одат во ординација, туку исклучиво да се јават по телефон кај својот матичен лекар.
Матичниот лекар им поставува прашања на граѓаните и тие одговорат на десетина прашања. Согласно одговорите на епидемиолошката анкета, електронски алгоритам укажува на тоа дали е потребно тестирање или не и доколку е потребно кој е степенот на итност. Во оваа прилика, апелираме до граѓаните дека се должни да даваат точни податоци за епидемиолошката анкета во интерес на јавното здравје и точното приоретизирање на итноста за тестирање.
Министерот Филипче најави нови предлог мерки и потсети на вчерашните мерки кои Владата на Република Македонија ги донесе на владината седница во однос на движењето на граѓаните.
Забрана за движење за сите граѓани од 21:00 до 06:00 часот, се замени со ограничување на движењето од 21:00 до 05:00 часот заради гужвите што се создадоа во јавниот превоз и заради потребата на граѓаните да стигнат на работните места во утринските часови. Забрането е движење на граѓаните над 67 години од 11:00 часот до 05:00 часот следниот ден. На младите до 18 години забраната за движење се однесува за периодот од 21:00 часот до 12:00 часот наредниот ден. (Крај)
извор: Влада на РМ фото: архива