Охрид, 1. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонската православна црква-Охридска архиепископија, односно Дебарско-кичевската епархија Охрид, ги известува верниците дека за време на претстојниот празник на преподобниот Наум Охридски Чудотворец, ќе има богослужба во манастирот посветен на овој наш голем светител.
– Во четврток, на 2-ри јули 2020 година, со почеток во 19:00 часот ќе биде отслужена Празнична вечерна богослужба, а во петок, на 3-ти јули 2020 година, во 07:30 часот ќе започне Утрената богослужба, а пречекот на Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски, како и на Митрополитот Европски г. Пимен, ќе биде во 08:45 часот. Светата архиерејска Литургија ќе започне во 09:00 часот. Ние, како Црква, заедно и свештенството и народот, сме должни да се грижиме за нашето здравје, како и за здравјето на нашите ближни. Од таа причина, поради настанатата состојба со корона вирусот COVID-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание. Истовремено, Ве известуваме дека оваа година нема да се поставуваат тезги во манастирскиот двор. Се надеваме дека верниот народ ја разбира нашата грижа, особено што ова е грижа, пред сѐ, за нив, за нивното здравје и за нашата иднина. Господ, нашиот Бог, по молитвите на преподобниот Наум Охридски, да нѐ избави од сите искушенија и да ни дарува здравје, мир и голема љубов, та победувајќи го невидливиот непријател, уште повеќе да ја зацврсти нашата вера и да нѐ сплоти како народ, кој верно ќе им служи на Црквата и на Татковината, информираат од Дебарско-кичевската епархија од Охрид. (Крај)
извор: Дебарско-кичевска епархија фото: ОхридПрес