Охрид, 29. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид и оваа година го одбележува Светскиот ден на срцето.
Светската федерација за срце (World Heart Federation), која го востанови и секоја година на 29-ти септември го организира Светскиот ден на срцето, оваа година на својата веб страна напиша: Ние не знаеме во која насока пандемијата ќе се движи во иднина, но знаеме дека грижата за нашите срца токму сега е поважна од било кога.
Годинешното мото на светскиот ден на срцето е – Користите го срцето за да ги победите кардиоваскуларните болести!
• Користете го срцето….за заедницата, вашите сакани, за вас,
• Користете го срцето за подобри избори,
• Користете го срцето за да го чуете своето срце,
• Користет го срцето за да се вклучите,
• Користет го срцето за да им се заблaгодарите на здравствените професионалци…
-Ние како институција која близу четири децении се грижи за кардиоваскуларното здравје на илјадници пациенти од градот, регионот и државата и годинава се приклучуваме кон одбележувањето на овој ден.
Во околности кога сите треба да дадеме свој допринос во спречување на ширење на заразата со COVID-19, годинава ќе изостане нашето на овој ден традиционално присуство меѓу граѓаните на Охрид на градскиот плоштад, каде вообичаено се правеа базични проверки и се делеа совети поврзани со кардиоваскуларното здравје од страна на наши тимови. Потсетуваме дека кардиоваскуларните болести (КВБ) се причина број еден за смртност на планетва.Тие имаа бројни причинители, од добро познатите како: дијабет, покачен крвен притисок, гојазност, пушење, па до помалку познати како: аерозгадување и други ретки и занемарени состојби (кардијална амилоидоза, болеста на Chagas и др.) Во време на COVID-19 пациентите со кардиоваскуларни болести се соочуваат со двојна закана- не само што се во ризик да развијат потешки форми на болеста туку тие можат и да се плашат да ја побараат потребната грижа за нивното кардиоваскуларно здравје. Ги потсетуваме сите кои имаат потреба од нашите медицински услуги поврзани со кардиоваскуларните болести, дека сме тука за вас. Со доследна примена на сите потребни мерки за заштита, здравјето на пациентите и на медицинскиот персонал нема да биде во ризик, порачаа од Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес