Струга, 5. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во екот на пандемијата прогласена од СЗО, поради рапидното ширење на Коронавирусот COVID-19, Струга е на пат да стане ново жариште во Република Македонија, порача Мирче Аџиоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Струга.
– Би сакал во овие тешки времиња, да апелирам за што помасовно тестирање во Струга и во селата каде што до сега има официјално 24 наши сограѓани, инфицирани од COVID-19 и за жал 3 смртни случаи. Во оваа ситуација не се важни ниту власт ниту опозиција, ниту вера ниту нација, важен е секој човечки живот.
Ако е потребно нека се стават во карантин кризните села, со цел да им се помогне на тие луѓе, кои секојдневно стравуваат за сопствените животи, а доколку се процени дека е подобро и целосно Струга нека се стави во карантин. Министерството за здравство нека обезбеди тестови и со мобилни екипи да допре до сите наши сограѓани да им се понуди заштита и соодветен третман. Навистина е несериозно и безобразно кога во вонредна состојба Владата со уредба доделува плати на СЈО, во енормно големи цифри, а здравствените работници и припадниците на МВР се борат голораки во првите редови против COVID-19. А, да не зборуваме за големата економска криза која многу долго ќе ја живееме и преживуваме. Истовремено би сакал да апелирам до владата и до градоначалникот на град Струга, Рамиз Мерко да ги прекинат сите привремени вработувања во државните институции, во Општина Струга и Јавните претпријатија кои немаат работа и тие парични средства да се пренаменат за обезбедување на заштитни средства за медицинскиот персонал во Струга. Секојдневно да се дезинфицира во градот и околните села, а посебно во селата од каде што има наши сограѓани инфицирани со COVID-19. И на крај, би сакал да изразам сочуство до фамилиите на нашите сограѓани починати од COVID-19 и на сите останати да им порачам, да бидеме силни и обединети, да помагаме колку што можеме, да останеме дома и да спасиме човечки животи, само така ќе го пребродиме ова тешко време, стои во дописот до медиумите. (Крај)
извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива