Охрид, 22. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од следниот месец ќе започне вакцинацијата против сезонски грип во Охрид.
Првиот човек на охридскиот Центар за јавно здравје, Сашо Точков за Супер радио и OhridPress вели дека сé уште не знаат колку дози ќе има за подрачјето што го покрива центарот. Тој информира дека и годинава ќе има бесплатни и комерцијални вакцини.
Бесплатна вакцинација ќе има за лица на возраст над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до пет години. Како и претходните две сезони, заинтересираните лица ќе можат да ја закажат бесплатната вакцинација преку својот матичен лекар.
Минатата сезона особено голем беше интересот за имунизацја против сезонскиот грип, па во Центарот за јавно здравје се обратија многу пациенти кои претходно не ја користеле оваа пракса. Со оглед на тоа што симптомите се многу слични со коронавирусот, останува да видиме дали годинава ќе има уште поголем интерес за вакцинација.
Десет до петнаесет дена е потребниот период за да се создадат антитела и имунизацијата да има ефект. Грипот, или инфлуенца, е заразна болест предизвикана од вирусите на рибонуклеинската киселина, од фамилијата на вирусите на грипот. Најчести симптоми кои што се јавуваат при оваа болест се треска, настинка, воспалено грло, болки во мускулите, неподносливи главоболки, кашлање, изнемоштеност или омалаксаност и неудобност. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива