Охрид, 6. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, вечерва со почеток во 19:00 часот ќе биде изведена новата премиера „Сопружници“ од Вуди Ален, во режија на Драгана Таневска.
– „Сопружници“ претставува песимистичко гледиште за романтичната љубов и бракот. Хуморот во претствата произлегува од реалноста на ситуациите. Ликовите не можат да ги надвладеат своите слабости и желби и затоа влегувааат во апсурдни ситуации кои се комични. Тоа пак, од друга страна е и специфичноста на хуморот на Вуди Ален, кој многу мудро и реално ги анализира ситуациите и карактерите, вели Таневска.
Во претставата играат: Ивица Цонев како Гејб, Елизабета Стефановска во улогата на Џуди, Никола Тодороски како Џек, Адријана Билаловиќ- Тодороска како Сали и Филип Кипровски како Мајкл.
Билетите по цена од 200 денари ќе се продаваат од денеска на билетарата при Центарот. Телефони за резервации 046/261-063 и 075/283-066.
Организаторите потенцираат дека претставата ќе се игра пред ограничен број публика, согласно здравствените протоколи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива