март 25, 2020

Куманово, 25. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Забрана за влез и излез со јавен превоз, редуцирање или затворање на фабриките и продавниците, дополнителни медицински тимови и поголем број на тестирања, ќе се применуваат од денеска во Куманово како дел од зајакнатите мерки што ги донесе Владата за запирање на заканата од коронавирусот.

Укинат е градскиот и меѓуградскиот патнички и железничкиот јавен превоз. Владата им препорача на компаниите со големи производствени и продажни капацитети во оваа општина да го приспособат своето работење со редуциран број на вработени или целосно да ги затворат.

Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, пак, се задолжени да преземнат поинтензивни активности не само во Куманово, туку и во целиот кумановски регион, со оглед на тоа што од таму се една од починатите и неколкумина заболени од коронавирусот. МЗ и ИЈЗ треба да подготват посебен план со екипи за да се преземат сите потребни мерки за спроведување на поголем број тестирања, со цел континуирана детекција и организација на следење на состојбата со бројот на инфицирани лица од коронавирусот, како и да се упати стручен медицински персонал и да се обезбеди техничка помош за потребите на Општата болница во Куманово.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека со овие мерки треба да се прекинат градските и меѓуградски врски на Куманово со другите општини со цел да се воспостави форма на карантин, нешто слично како што беше направено во Дебар кога беа утврдени случаи на локална трансимисија на болеста. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука