Охрид/Скопје, 10. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во првата недела од февруари од пријавени 649 материјали, кај 56 брисеви е потврдено присуство на британскиот сој на вирусот SARS-CoV-2, информираат од Институтот за јавно здравје.
Од нив најголемиот број, дури 25 се откриени во Охрид, по што следуваат Прилеп со 10 и Кавадарци со 4.
– Во текот на минатата недела (01-07.02.2021), до ИЈЗ се пријавени 649 материјали кои биле секвенционирани за присуство на „британскиот” сој на SARS-CoV-2 од три лаборатории (ИЈЗ, Жан Митрев и МАНУ). Од секвенционираните, 56 се позитивни за присуство на новиот сој на SARS-CoV-2. Од овие резултати е забележано дека „британскиот”сој е присутен во осум градови, а најголем број случаи се откриени во Охрид (n=25), Прилеп (n=10) и Кавадарци (n=4). Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број на нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на континуиран внес на нови случаи на COVID-19 од странство, се наведува во неделниот извештај на институтот.
Првиот пациент со овој тип на вирус во оваа лабораторија е дијагностициран на 13-ти јануари 2021 година во Охрид и оттогаш неговата застапеност прогресивно се зголемува. Во моментот оваа варијанта на вирусот е најфреквентна во Охрид и Прилеп, а е присустен и кај одредени пациенти во Тетово, Струга, Куманово, Штип и Велес. Според статистичките податоци во Охрид моментално има 368 активни случаи на коронавирус, а во Општата болница се хоспитализирани 45, со што и натаму градов е втор во Македонија по број на активни случаи и хоспитализации.
Во анализираниот период евидентиран е пораст на бројот на нови позитивни случаи со коронавирус во однос на претходната недела, а раст се бележи и во бројките на оздравени и починати пациенти. (Крај)
извор: ОхридПрес/ИЈЗ фото: ОхридПрес