Охрид, 23. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Според статистиката во Охрид моментално има 92 активни пациенти со коронавирус.
Од почетокот на епидемијата се евидентирани вкупно 112 пациенти заразени со коронавирус. Досега се регистрирани и три починати лица, а оздравени се 17 лица.
На државно ниво, сега Охрид е на шесто место по број на активни пациенти со COVID-19, зад Струга каде се евидентирани 100 пациенти.
Според последните податоци од министерството за здравство само вчера во Охрид беа регистрирани 13 новозаболени од коронавирус, што е рекордна бројка на пациенти евидентирани во едно деноноќие. Кон средината на мај, откако долго време се одржуваше ниска бројка на заболени и успешно се бранеше од пандемијата, Охрид се врати на мапата на градови каде се регистрирани лица заболени од коронавирус COVID-19. Оттогаш, речиси секојдневно има регистрирани новозаболени пациенти, а за жал ги имавме и првите смртни случаи. Бројот на тестирања е зголемен, па се очекува и бројката на пациенти позитивни на вирусот да расте.
Надлежните, по којзнае кој пат, апелираат да се почитуваат мерките за заштита, редовно миење раце и дезинфекција, држење потребна дистанца, а особено важно е давање точни информации на лекарите за остварени контакти, за да се добие вистинска епидемиолошка слика.
Министерот за здравство Венко Филипче потенцира дека епидемијата е сѐ уште во полн ек, а состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Здравствените работници направија и прават сѐ што можат најдобро да го заштитат населението и не смее да се дозволи со непочитување на мерките да се деградира трудот на сите кои деноноќно се во првите борбени линии.
– Вирусот е тука, ќе мора да продолжиме да живееме со него и да се навикнеме на правилата за лична заштита. По овие правила ќе функционираме веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната година. Сметам дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација. Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси и сите околу нас, истакна Филипче. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива