октомври 3, 2020

Црвена Вода, 3. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во историското село Црвена Вода, Дебрца денес се одбележа јубилејот 77 години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ, на 3-ти октомври 1943 година, ден кој е патронен празник на општина Дебрца.

Манифестот на АСНОМ по своето историско значење е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него, со што слободно можеме да констираме дека извориштето на современата македонска држава е во Дебрца.

Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја.

И не само тука, во Црвена Вода, на денешен ден, туку и на Славеј Планина, каде што пред 75 години беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот „Мирче Ацев“, во Сливово беше формирана Првата Македонска-Косовска ударна бригада, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје, во 1944 година беше возобновена Македонската Православна Црква, во ликот на Охридската Архиепископија.

-Дебрца долго време беше на маргините, поради што луѓето си заминуваа, селата ни се празнеа. Но, тоа не значи дека духот на нашите предци е исчезнат. Тој живее во сите нас и во нашата визија за Дебрца. Таа визија е да го промовираме еко капацитетот на Дебрца, да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца. Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите добронамерници кои ќе ја посетат. Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина, порача градоначалникот на општината Зоран Ногачески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Општина Дебрца

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука