октомври 12, 2020

Скопје/Охрид, 12. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство д-р Венко Филипче соопшти дека е ставена во функција модуларната болница, која според него, е со доволен број на медицински кадар од Клиниката за пулмологија и алергологија и Градската општа болница „8 Септември“.

Тој посочи и дека нема да се преоптоварува капацитетот за да не трпат останатите одделенија и здравствени работници. Капацитетот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје е речиси исполнет, модуларната болница има капацитет од 72 болнички легла и е поставена во близина на клиничката зграда.

Пред два месеци беше најавено дека и Охрид е меѓу градовите во кои ќе биде поставена модуларната болница за зголемување на капацитетите за згрижување на пациенти со COVID-19, а како локација е избран просторот позади одделението за геријатрија.

Директорот на охридската општа болница д-р Горан Балески во изјава за Супер радио и OhridPress неодамна истакна дека ќе постапуваат согласно насоките што ќе ги даде министерството за здравство.

– Ќе бидат поставени два монтажни објекти со целокупна опрема, а капацитетите на болницата за лекување COVID-19, но и други пациенти ќе се зголемат за 40-на легла. Среќа е што имаме голем простор за пристап од две страни за влез и излез по протоколите и проектот за тријажен центар, информира д-р Балески.

Засега локацијата е расчистена, приодите се обезбедени, а задача на општината, согласно договорот со министерството за здравство ќе биде да се тампонира теренот, доведување водоводна и канализациона линија, како и електрична енергија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука