Скопје, 2. април 2020 (ОХРИДПРЕС) – На вчерашната прес-конференција, Драгица Николоска, директор на Центарот за јавно здравје-Прилеп, изјави дека 59 годишна жена вработена во текстилна фабрика, во која работат уште 200 други работници е позитивна на вирусот Ковид-19, реагираат од Граѓанско декомратската унија (ГДУ).
– Исто така директорката изјави дека текстилната фабриката е целосно затворена и дека работниците се наоѓаат во самоизолација. На 22-ри март, апелиравме преку соопштение да се затворат конфекциите и другите производствени капацитети каде е невозможно да се реорганизира процесот на производство и да се почитуваат мерките за безбедност и работниците да се пуштат на 30 дневен колективен одмор. Сето ова со цел да се спречи ширењето на вирусот, имајќи во предвид дека во производствените хали работат многу луѓе без да имаат безбедна дистанца еден помеѓу друг и исто така соодветна опрема за заштита. Тука секако доаѓа и фактот дека истите тие луѓе користат заеднички транспорт а тоа може да предизвика дополнителна опасност од ширење на вирусот. ГДУ повторно настојува и апелира веднаш да се затворат сите производствени капацитети особено конфекциите и на работниците да им се даде 30 дневен колективен одмор. Очекуваме ова да биде дел од вонредните мерки донесени од Владата во договор со сопствениците на компаниите и доколку има прекршување на овој договор да следат строги казнени мерки. Се работи за животот, здравјето и безбедноста на илјадници работници како и на нивните семејства. Колку побрзо ќе се донесе мерката за колективен одмор, толку поголема е веројатноста да се спречи наглото ширење на вирусот, стои во дописот од Граѓанско демократската унија (Крај)
извор: ГДУ фото: архива