Охрид, 18. февруари 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 или 29 дена ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести во Република Македонија.
Секој ден ќе Ве запознаваме со по една ретка болест и ќе се обидеме да добиеме одговори на многу отворени прашања, а ќе се слушне и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?…
Langerhans cell histiocytosis (LCH) – Хистиоцитоза на Лангерхансови клетки
MKB C96.0 C96.5 C96.6
преваленца (распространетост): 1-9/100.000
Хистиоцитозата на Лангерхансови клетки е нарушување при кое во телото се акумулират повеќе клетки на имунолошкиот систем наречени клетки Лангерханс. Лангерхансовите клетки за првпат се откриени во 1868 година од страна на германскиот студент по медицина Пол Лангерханс по кој го добиваат своето име. Овие клетки кои помагаат во регулирање на имунолошкиот систем, се наоѓаат во организмот, особено во кожата, лимфните јазли, слезината, белите дробови, црниот дроб и коскената срцевина. Кај хистиоцитозата, вишокот на незрели Лангерхансови клетки, обично формираат тумори наречени грануломи. Хистиоцитозата на Лангерхансовите клетки е ретко нарушување. Се проценува дека се јавува со зачестеност од 1-2/100.000 луѓе.
Причина:
Соматските мутации на генот БРАФ-BRAF се идентификувани кај околу половина од пациентите. Мутациите на соматските гени се стекнуваат во текот на животот и се присутни само во одредени клетки. Овие промени не се наследуваат.
Генот BRAF дава упатство за производство на протеини кои го контролираат растот и развојот на клетките. Соматските мутации предизвикуваат BRAF-протеинот во погодените клетки да биде постојано активен, дури и во отсуство на хемиски сигнали кои служат за негова активација. Преактивниот протеин може да придонесе за развој на хистиоцитоза на Лангерхансовите клетки со тоа што ќе им овозможи на истите да растат и да се делат неконтролирано. Исто така, се идентификувани промени и во другите гени во Лангерхансовите клетки. Се верува дека дополнителни фактори како што се вирусни инфекции и токсини, можат да влијаат на развојот на ова комплексно нарушување. Хистиоцитозата на Лангерхансовите клетки обично, не се наследува и се јавува кај луѓе кои ја немаат оваа болест во своето семејство. Сепак, идентификувани се неколку семејства со оваа болест, но начинот на наследување не е познат.
Клиничка слика:
Манифестацијата на клинички симптоми и знаци може значително да се разликува кај лицата со хистиоцитоза на клетките на Лангерханс. Коскените грануломи се развиваат кај околу 80 % од пациентите, предизвикувајќи болка и оток. Грануломите кои обично се јавуваат во черепот или долгите коски на рацете или нозете може да предизвикаат фрактура на коските. Оние грануломи кои се појавуваат на кожата како плускавци, црвеникави набори или осип, можат да бидат од блага до тешка форма.
Исто така, може да влијае и на хипофизата (жлезда која се наоѓа на дното на мозокот која произведува хормони кои контролираат многу важни функции). Како последица на недостатокот на хормони (и во отсуство на супституциона терапија), пубертетот е одложен или отсутен, а се развива и неплодност. Покрај тоа, оштетувањето на хипофизата, може да доведе до производство на прекумерни количини на урина (дијабетес инсипидус) и да предизвика дисфункција на тироидната жлезда. Функцијата на тироидната жлезда влијае на брзината на хемиските реакции во организмот (метаболизам), температурата на телото, текстурата на кожата и косата и однесувањето. Во 15-20 % од случаите, болеста ги вклучува белите дробови, црниот дроб или крвотокот (хематопоетски систем), а оштетувањето на овие органи и ткива може да биде опасно по живот.
Други симптоми и знаци се јавуваат во зависност од тоа кои органи и ткива поседуваат Лангерхансови клетки, па може да се јави оток на лимфните јазли, болки во стомакот, пожолтување на кожата и белките во очите (жолтица), одложен пубертет, испакнати очи, вртоглавица, раздразливост и напади. Едно од педесет заболени лица доживуваат нарушена невролошка функција (невродегенерација).
Болеста најчесто се дијагностицира во детството, обично на возраст од 2 до 3 години, но може да се појави на било која возраст. Кај околу две третини од возрасните, нарушувањето влијае само на белите дробови.
Дијагностички методи:
Дијагнозата се поставува врз основа на хистолошка и имунохистохемиска анализа на зафатените ткива (клетките на Лангерханс се позитивни за невропротеините С-100 и антигенот- ЦД-1а, а под електронскиот микроскоп наоѓаме гранули Бирбек).
КТ-компјутерската томографија на градниот кош покажува типични радиолошки наоди кои можат да овозможат дијагностицирање кај возрасни чијашто болест влијае само на белите дробови.
Третман:
Изборот на терапевтски пристап зависи од напредувањето на болеста, која се утврдува со рутински прегледи (клинички преглед, хемограм, тестови за функција на црниот дроб и радиографија на коските и градниот кош).
Во третманот се користат меѓународно признати професионални протоколи, врз основа на употреба на полихемотерапија, кортикостероиди и интерферон. Локалниот третман е ефикасен ако е вклучен само еден орган. Кај децата, третманот на системските форми се изведува со комбинирана употреба на кортикостероиди и винбластин. Престанок на пушење е потребен кај возрасните лица со изолирана пулмонална болест. Со оглед на полиморфната и хроничната природа на болеста, третманот вклучува мултидисциплинарен пристап.
Кампањата „Ги запознаваме ретките болести 2021“, која ја реализираат активистот Гордана Лолеска, охридското Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“ ќе се прикажува на 49 национални, регионални и локални и 2 сателитски медиуми ширум државата. И оваа година, покрај на македонски јазик, проектот има и албанска верзија.
Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови. Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008-ма година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над 90 земји од целиот свет во 2018-та година. Република Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овиј редок ден во 2013-та година.
Кампањата за Денот на Ретки Болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се придружи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции – колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.
Вклучете се! (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио