октомври 10, 2020

Охрид, 10. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од 1992 година, денешниот ден, 10-ти октомври се одбележува како Светски ден на ментално здравје, со цел да се зборува и работи на решавање на овој проблем.

Мотото на Денот на менталното здравје 2020 година е зголемување на инвестициите во менталното здравје (а со тоа и поголема достапност за сите граѓани), за кои се знае да изнесуваат само скромни 2%. Инвестиции во програмите за ментално здравје на национално и интернационално ниво, кои со години биле занемарени, се понеопходни од кога било. Искуства од вонредни состојби во минатото покажуваат зголемена потреба од психолошка поддршка и кризни интервенции на стручните лица, веќе сега забележливи, во следните месеци и години.

Годинава, Денот на менталното здравје, доаѓа во време кога кога нашето животно секојдневие е драстично сменето како резултат на пандемија на COVID-19. Изминатите месеци донесоа многу предизвици за здравствените работници во пружање нега во тешки околности, одење на работа со стравување да не го донесат вирусот дома со себе, за студенти адаптирање на следење часови од дома, мал контакт со наставиците и пријателите, анксиозност во врска со нивната иднина, за работниците чии живеалишта се загрозени, за голем број на лица затекнати во сиромаштија или несоодветни услови со екстремно ограничена заштита од COVID-19.

За тоа што вклучува менталното здравје, колку е прифатена посетата на психолог или се уште е табу тема, но и за нега на менталното здравје во време на пандемија разговаравме со психологот Алберта Гулицовска.

Супер радио: Што вклучува менталното здравје?

Гулицовска: Светска здравствена организација (СЗО) го дефинира здравјето како состојба на целосна физичка, ментална и социјална благостојба, а не само како одсуство на болест, физичка болка и неспособност. Позитивно ментално здравје вклучува самодоверба, способност за решавање проблеми и целисходна адаптација на секој ментален стрес.

This Mental Health Day, get involved! - Humanium

Супер радио: Кој е изложен на ризик од ментални нарушувања ?

Гулицовска: Со оглед на реалноста која ја живееме и неповолните услови присутни подолг период, како лошата економска ситуација, невработеноста, несигурноста, пореметен систем на вредности и како врв на сето тоа пандемијата, сите сме изложени на бројни стресогени влијанија а адаптивните механизми ставени пред предизвик. Постојат индивидуални разлики и карактеристики во користењето на одбранбените механизми, способностите да се управува со сопствените мисли, емоции, однесување и интеракции со другите, разлики условени од структурата и динамиката на личноста. Не е занемарлив ниту наследниот фактор. Покрај тоа, тука се и социјални, културни, економски, политички и еколошки фактори како што се националните политики, социјалната заштита, стандардите на живеење, услови за работа и поддршка на заедницата. Постои моментален ризик кај учениците и родителите од семејства каде некој се заразил со корона, кои поради тоа биле принудени на карантин, или во краен случај доживеале загуба на близок, итн. Тука можеме да зборуваме за трауматско искуство и потреба од психолошка кризна интервенција. Младите луѓе на возраст помеѓу 15 и 25 години, како што растат искусуваат различни периоди на промена, како што се премин од детство во адолесценција, од образование кон работа, како и менување на социјалните односи со семејството и врсниците. Овие промени одразуваат стадиуми со висок степен на ранливост за младите луѓе со кревки одбранбени механизми, кои не секогаш се во можност сами да се справат со притисоците и предизвиците. Ако овие периоди на промена се подолги и посложени, младите луѓе се со поголема веројатност да се соочат со тешкотии во нивните студии, на патот до работното место, во нивните односи со семејството и пријателите како и приликите да се впуштат во ризично однесување. Во ранлива група би ги вброила и лицата кои живеат сами и немаат систем на семејна поддршка, а доколку се притоа и од категорија на социјално загрозени лица, нивната положба е уште поголем предизвик. На сите нас е да покажеме емпатија кон нив.

Супер радио: Кои се главните причини за појавата на психолошки растројства?

Гулицовска: Проблематиката е комплексна, бидејќи ваквите растројства произлегуваат од интеракцијата на раните животни искуства, генетските и срединските фактори. Под генетските фактори се мисли на биолошките предиспозиции на мозочното функционирање и основната структура на личноста. Оваа структура определува како понатаму личноста ќе реагира на животни искуства и социјалното окружување. Секоја личност со тек на времето развива специфични обрасци или начини на доживување на сопствениот свет, мисли, чувства, однесување. Пореметена регулација и контрола на емоциите како тешкотија, во комбинација со психолошки и социјални фактори како злоставување, занемарување, одвојување,… можат да бидат „тригер“ или иницијална каписла за развој на психолошко растројство. Најкритични моменти во таа смисла се одвојување од семејството и стекнување независност и токму поради тоа се регистрирани најмногу заболувања на оваа возраст. Блиските семејни врски и поддршка од семејството се најважен превентивен механизам за спречување на развој на растројства.

World Mental Health Day

Супер радио: Колку психологот или психотерапевтот може да помогне за одржувањето на менталното здравје и ментална хигиена на секоја единка?

Гулицовска: Освестувањето на емоциите, потребите, погрешните мисловни обрасци можат да помогнат во мобилизирањето на капацитетите на личноста да се избори со стресот, во подобрувањето на комуникацијата со другите, а со тоа и подобрување на квалитетот на животот. Клиентот ги учи техниките за самопомош, како во иднина подобро да се заштити себеси, препознавајќи ги и почитувајќи ги сопствените граници. Психолошка проценка и благовремена интервенција воедно ќе ја превенира прогресијата на постоечкиот проблем и неговото влошување.

Супер радио: Постои ли свесност кај младите во Македонија за потребата од психотераписки третман и работа на себе?

Гулицовска: Последните години се забележува еден позитивен тренд, младите да се истражуваат себеси, одат на бројни работилници за личен раст и развој, првенствено во поголемиите градови.
Воедно, психотерапевтите известуваат за зголемен интерес за нивните услуги. Некогаш тоа се должи само на љубопитноста па клиентот не е подготвен да ја продолжи терапијата, или поради нереалните очекувања ја прекинува на старт, но почесто соочени со вистински проблем, клиентите сфаќаат дека за успех на психотерапевтскиот третман е потребно нивното активно учество, доверба во терапевтот, упорност и посветеност во таа смисла. Сепак, во помалите места и понатаму е присутна стигмата, едуцираноста на населението за оваа проблематика кон која се приоѓа со извесна доза на недоверба, е сè уште е на недоволно ниво. Причина за недоволен интерес е и поради релативно високите цени на овие услуги во приватниот сектор, особено ако има потреба од подолг третман. Релативно високи, затоа што истата личност на пример избира да ги потроши за нешто од кое нема да има долгорочни добивки, како од психотерапија. Се работи за лични избори и приоритети.

Супер радио: Годинава живееме во нова реалност, соочени со коронавирусот. Колку влијае и како ќе ни се одрази во иднина?

Гулицовска: Период на изолација и карантини во неколку наврати, веќе се манифестираат низ зголемена вознемиреност, страв за иднината, како и страв од немање контрола, а тоа севкупно незадоволство понатаму се манифестира во зголемена агресија (дури и на социјалните мрежи полни со говор на омраза), секојдневни кавги, тепачки, сексуални деликти, дури и зголемен број на убиства и самоубиства периодов. Лица и цели семејства кои биле погодени директно и изложени на траума, можат да развијат пострауматски растројства во следните месеци. Од друга страна, добро е што ситуацијата сите не наведе на преиспитување на приоритетите, вредностите кон кои тежнееме, забавување на френетично брзо темпо на животот.

Супер радио: Кои се препораките кога станува збор за менталното здравје?

Гулицовска: Хаосот предизвикан од корона е идеална прилика за личен раст и развој, откривање на делови на себе кои досега можеби сме ги негирале, препознавање и прифаќање на своите слабости и доблести. Искористите го да се свртете кон себеси, запознајте се, што ве прави среќни, што можете да промените, а што не? Најдете ја поддршката во сличните на себе. Споделете ги проблемите со другите кои имале слични искуства. Тоа ќе ви помогне во изнаоѓање на решенија и нема да се чувствувате изолирано. Најдете време за семејство и пријателите, негувајте ги овие односи, дружете се, зошто мрежата на поддршка е многу важна во тешките моменти. Вклучете се. Вклучување во заедницата и волонтирање дава чувство на задоволство и ја зајакнува самопочитта. Научете нови вештини. Стекнување на нови вештини ја зголемува самодовербата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука