Скопје, 22. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница донесе заклучок за запирање на дејствијата за предвремените парламентарни избори што требаше да се одржат на 12-ти април постапувајќи по Уредбата со законска сила што ја донесе Владата на Република Македонија.
– Се запираат сите понатамошни дејствија и активности на Општинските изборни комисии. Сите изборни дејствија кои се преземени до 22-ри март 2020 се сметаат за важечки. Сите преостанати дејствија што произлегуваат од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба со донесувањето на нова уредба на Владата за продолжување на изборниот процес, рече претседателот на ДИК Оливер Деркоски предлагајќи го заклучокот.
Деркоски исто така посочи дека ДИК ќе ја чува и обезбедува изборната документација до спроведување на изборните дејствија и изборите.
Државната изборна комисија, како што појасни, Деркоски веднаш по изменетата ситуација односно по носењето на новата уредба на Владата за продолжување на изборните дејствија ќе мора да донесе ревидиран роковник за изборите.
– Ова, пред се, се однесува на Избирачкиот список, дејствијата што се поврзани со него, увидот, заклучувањето на Ибзирачкиот список и друго, информираше Деркоски.
Владата на Република Македонија на синоќешната 25 седница донесе Уредба со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите на 12 април и за сите прашања поврзани со изборниот процес, соопшти владината прес-служба.
Оваа одлука Владата ја донесе заради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, и заради тоа што Собранието на Република Македонија не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање.
Со оваа Уредба Владата ја задолжи ДИК да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите, кои ќе продолжат откако ќе биде прогласен престанок на вонредната состојба.
Уредбата исто така, определува задолжување за ДИК во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија. (Крај)
извор: независен.мк фото: независен.мк