Скопје, 27. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во деновите од викендот, сабота и недела, забраната за движење за сите граѓани ќе започнува во 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наутро, а Владата утврди појаснување за ова ограничување кое се однесува на земјоделците заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури.
Во делот на исклучувањето на земјоделците од сите донесени одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата, се допрецизира дека истиот се однесува на земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период.
Дополнително, оние земјоделци, фармери, сточари и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Министерството за информатичко општество и администрација истите да ги издаде.
Сите јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот.
Сите претходно донесени забрани и ограничувања и натаму остануваат во сила, односно забраната за движење трае од 21:00 до 05:00 часот, повозрасните над 67 години може да се движат надвор само од 05:00 до 11:00 часот, а на младите до 18 години им е дозволено движење од 12:00 до 21:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива