Охрид, 8. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Не се сите исти, има чесни и посветени вработени во администрацијата на локалната самоуправа и вработените во јавните претпријатија кои секојдневно посветено работат со цел системот да функционира, а се минимално платени за својот труд, порача на денешната прес конференција Сашо Донев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
– На многу Георгиески им ветил, а не ги ангажирал работно со образложение дека нема пари за таа намена. Но, за тие што сакал навистина пронашол начин и во духот на нивната изборна парола МОЖЕЛ! Со желба да ги вдоми партиските послушници на СДСМ склучил четири незаконски договори кои се недозволени во таа форма и истите се со нејасни цели и фиктивни работни задачи. Ангажирани лица според договорите се најблиските соработници од кабинетот на градоначалникот. Правен консултант од кабинетот на Георгиески и координатор на Општинскиот кризен штаб за заштита на населението од КОВИД-19 за својот ангажман ќе добива фантастични 60.000 денари плус да му биде платен и персоналниот данок. За споредба толкава плата не добива ни Директорот на Општата болница. Економски консултант од кабинетот на Георгиески за справување со економските последици од коронавирусот за својата работа ќе добива 40.000 денари плус платен персонален данок. Исто толку ќе добива и консултантот во кабинетот на Георгиески, давател на интелектуални услуги за намалување на негативните економски последици од КОВИД-19. И на крајот 30.000 денари плус данок ќе добива вршителот на инетелктуални работи во Општината, за потребите на кризниот штаб како дел од кабинетот на Георгиески задолжен за односи со јавност. Кабинетот на Градоначалникот сега претворен во КОВИД-тим нè чини фантастични 190.000 денари месечно. Ги повикуваме стручните служби на општина Охрид веднаш да ги прекинат исплатите по овие договори затоа што и тие знаат дека се незаконски и дека еден ден ќе има одговорност за ова! Ние ќе ја известиме Антикорупциска комисија за ова беззаконие, а очекуваме и ОЈО Охрид по допрен глас да отвори истражна постапка за ваквите договори. Почитувани граѓани, Ве повикуваме да ни се придружите на патот кон конечна победа на ваквите неправди. Времето за одговорност е блиску! Обновата доаѓа – порача Донев. (Крај)
извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ВМРО-ДПМНЕ