октомври 29, 2020

Скопје, 29. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Парламентот на Република Македонија синоќа ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести.

За непочитување на мерката за задолжително носење на маска казната изнесува 20 евра, за прекршителите на решенијата за самоизолација казната е 50 евра, додека тие што ќе се групираат на отворено во забранети периоди ќе платат казна од 500 евра.

Овој Закон предвидува носење лична заштита на лицето и тоа респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип.

Притоа, оваа мерка нема да важи при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на специфичните протоколи за заштита, при возење во приватно патничко моторно возило ако возачот е сам или со лице/лица со кој/кои што живее во заедница, при престојување во двор на семејна куќа сам или со лице/лица со кој/кои што заедно живеат во заедница, при седење во угостителски објект со почитување на специфичните протоколи за заштита итн.

Воедно, Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од COVID-19. Освен лекување во јавните здравствени установи, по медицински индикации болните можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови.

Законот беше изгласан истиот ден кога во државата беа регистрирани рекордни 870 новозаболени и 14 починати лица. Во текот на вчерашниот ден во Охрид имавме 26 новозаболени и 4 оздравени лица. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука