ноември 4, 2020

Охрид, 4. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Епидемиологот доктор Јованка Стурлакова- Коровешовска од Центарот за јавно здравје од Охрид, за „Слободен печат“ тврди дека егиоизмот кај граѓаните е огромен и дека тие болни и со симптоми кои ги кријат воопшто не се изолираат и така заразата се шири.

-Најголем проблем е што болните одат на работа, се шетаат и кријат дека се болни. Одат по кафеани, се дружат, со симптоми и болни. Не научија дека изолацијата е најдобра превентивна мерка да се спречи ширењето на епидемијата. Владее некој егоизам од видот „мене кој ме разболи?“. Или, ако јас сум болен тогаш сите нека бидат болни. Сите болни одат на работа, ја шират заразата. Најтешко им паѓа што ако се изолираат нема да имаат контакт со семејството и не даваат вистинити информации за контактите. Буквално ги кријат контактите. Тоа е голема грешка и причина за вжештувањето на пандемијата, вели доктор Стурлакова- Коровешовска, коментирајќи ја секојдневната пракса со која се соочува како епидемиолог во ЦЈЗ Охрид.

Изминатите 24 часа во Охрид се регистрирани рекордни 37 заболени, 14 оздравени и 3 починати лица. На ниво на целата држава, според официјалните податоци на Министерството за здравство на Република Македонија, регистрирани се 913 нови случаи на COVID-19 од направени 2.731 тестирања. Досега во земјата се направени вкупно 255.904 тестирања. Вкупната бројка на COVID-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 33.908, бројката на оздравени пациенти е 21.665, на починати е 1.049, а бројот на активни случаи изнесува 11.194. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука