Охрид, 3. ноември 2020 (ОХРИДПРЕС) – И понатаму расте бројот на хоспитализирани пациенти со COVID-19 во Општата болница во Охрид.
Во моментов се згрижени 71 пациент, на инфективното и интерното одделение и геријатрија, како и во хирушките амбуланти, а слободни се уште неколку кревети, вели за Супер радио и OhridPress директорот д-р Горан Балески.
– Имаме 71 пациент, од нив 10 се суспектни на вирусот. Потврдени позитивни случаи имаме по 20 на инфективно и геријатрија, останатите се на интерното одделение и во капацитетите кои се ослободија по преселбата на хирушките амбуланти. На кислородна поддршка се 15 пациенти, а имаме уште неколку слободни кревети, информира д-р Балески.
По минатонеделните 40 хоспитализирани, ова е значителен раст на бројката на пациенти кои се лекуваат во болнички услови. Моментално во Охрид има 258 случаи активни на вирусот.
На состанокот на општинскиот кризен штаб меѓу заклучоците беше истакнато дека доколку се јави зголемена потреба од дополнителни капацитети за згрижување на пациенти, би можеле да бидат искористени и останатите здравствени објекти на подрачјето на општината. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес