News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
март 27, 2020

Охрид, 27. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Безбедносната состојба на подрачјето на седумте општини што ги покрива СВР Охрид е стабилна.

– Изминатово деноноќие, во периодот од 07:00 часот на 26-ти март 2020 до 07:00 часот на 27-ми март 2020 година, едно лице во Охрид не ја почитувало забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19. Нема регистрирани собирања на граѓани, нарушувања на јавниот ред и мир, нема кражби и други казнени дела и не се регистрирани сообраќајни незгоди. Непречено се одвива контролата на лица кои се под мерките задолжителен државен карантин, здравствен надзор и домашна изолација и задолжителна 14-дневна самоизолација. Моментно, СВР Охрид по основ на изјава за самоизолација и решение за изолација, контролира вкупно 607 лица (Охрид-179, Кичево-81, Струга-137 и Дебар-210). Полициските службеници извршија 386 контроли на лица во самоизолација и 134 на лица во задолжителна изолација. На подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, непречено се реализираат мото-патролите што ги спроведуваат полициските службеници низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација, информираат од СВР Охрид.

Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831-051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21>00 до 05>00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука