Скопје, 15. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Емилија Николовска, ученичка од IX одделение во ООУ „Григор Прличев“ – Охрид беше дел од екипата која освои злато, сребро и две бронзи на 24. Јуниорската балканска математичка олимпијада (JБMO) за ученици до 15,5 години, што се одржа од 9-ти до 13-ти септември, а виртуелен домаќин на настанот беше Грчкото математичко друштво.
Натпреварувачите беа сместени во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, од каде виртуелно се реализирал целиот натпревар, со посредство на видео-конференциска врска со домаќинот. Оваа година на олимпијадата учествувале 10 балкански држави и осум други држави – гости. Екипата на секоја држава се состоеше од шест натпреварувачи, водач и заменик водач.
Никола Спировски, ученик од IX одделение при ОУ „Ј. Х. Песталоци“ од Скопје, освои златен медал, Дамјан Давков, ученик од VII одделение при ООУ „Ванчо Прке“ од Штип, сребрен, а бронзени медали Никола Цветаноски ученик од IX одделение при ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Скопје и Марија Атанасова, ученичка од IX одделение при ООУ „11 Октомври“ од Скопје.
-Нашата екипа беше избрана преку системот на натпревари, кои како и секоја година ги организира и реализира Сојузот на математичари на Македонија (СММ). Оваа година, со оглед на околностите, потребни беа поголеми организациски напори од страна на СММ и целиот циклус заврши само неколку денови пред олимпијадата. Македонската екипа ја претставуваа и Никола Спировски ученик од IX одделение при ОУ „Ј. Х. Песталоци“ од Скопје, Матеј Гелев ученик од IX одделение при ООУ „Блаже Конески“ од Велес и Емилија Николовска ученичка од IX одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Охрид. Водач беше Делчо Лешковски, а заменик водач Борче Јошевски. Овој натпревар се одржува по 24 пат и ги опфаќа сите ученици од основното образование и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле 15,5 години, информираат од ССМ. (Крај)
извор: МИА фото: ОхридПрес